Полицијата осомничи тројца работници на јавното комунално претпријатие за проневера со погребална опрема
Објавено: 31 март, 2014, во 12:58 часот
По пријава на Јавното комунално претпријатие Дервен тројца вработени во него на возраст од 55 до 65 години, заработија кривична пријава оти продавале погребална опрема и парите од прометот си ги присвоиле. Комуналното претпријатие го оштетиле за триесет илјади евра.
Кривичното дело го сториле во 2012 година, а претпријатието делото го открило минатиот месец.
„Секторот за внатрешни работи Велес во соработка со Основно јавно обвинителство Велес поднесе кривична пријава против лицата И.Б.(65) , Ќ.Н.(55) и Љ.В.(57) сите од Велес, поради основи за сомнение дека првопријавениот сторил кривично дело „проневера во службата“ и „фалсификување или уништување деловни книги“ а второ и трето пријавените сториле кривично дело „несовесно работење“ и „фаслификување или уништување деловни книги“, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.
Сега пензионираниот шеесет и пет годишен велешанец како продавач во претпријатието ја продавал погребната опрема и парите наместо во касата ги ставал во џеб. Другите двајца вработени пак кои биле на чело на пописната комисија повторно ги завеле пописните листи без да проверат и избројат што содржат. Сите тројца заработија пријави за сторени кривични дела./Д.С


