Македонската демократија меѓу „хибриден режим“ и „нецелосна демократија“
Едно место напредок, на 72 место од 167 земји, но сепак на дното од списокот земји со „нецелосна демократија“. Вака е рангирана Северна Македонија во најновиот „Индекс на демократијата“ за 2022 година, што секоја година го објавува британската компанија за деловни истражувања, The Economist Intelligence Unit (EIU)
Пишува: Весна Коловска
И натаму главен проблем е партиската култура,како област со најниска оценка од само 3.13, додека Владата и нејзината (не)функционалност придонесуваат за намалување на вкупниот резултат. Најдобра оценка С. Македонија има за изборен процес и плурализам – 7.83 и граѓански слободи – 7.35.
Вкупната оценка е 6.10, што е за нијанса подобро од лани, кога имала 6.03. За споредба: во 2020 кога беше рангирана на 78 место со резултат од 5.89 и се наоѓаше во групата „хибридни режими“, додека најдобро рангирана е во 2006 година, кога македонската демократија имала и највисока оценка од 6.33. Земјата била најлошо рангирана во 2016 година пред промената на власта со оценка 5.23.
Годинашната анализа за состојбите со демократијата во С. Македонија, забележува „маргинално подобрување во однос на лани поради подобрувања во оценката за граѓанските слободи, додека опаѓања оценката за функционирање на владата“.
Парламентот на Северна Македонија го одобри непопуларниот предлог во јули, кој резултираше со укинување на ветото од Бугарија на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот беше непопуларен во јавноста, со оглед на загриженоста дека отстапките направени кон Бугарија ќе го поткопаат македонскиот национален идентитет. Во исто време, сепак, земјата конечно ги објави првите официјални податоци од Пописот во 2022 година и успешно ги надмина општествените и политичките прашања кои предизвикуваат голема поделба поврзани со бројот на етнички Македонци и етнички Албанци во земјата, пишува во објаснувањето на оценката за Македонија.
Од земјите од регионот, најголем напредок има Црна Гора, која лани беше веднаш под Македонија, додека сега од 74 место напредуваше 13 места погоре и е рангирана на 61, заедно со Романија.
Топ пет земји со најдобра демократија се Норвешка, Нов Зеланд, Исланд, Шведска и Финска.
Русија е оценета како најголемиот губитник во 2022 година забележувајќи најголем годишен пад од 22 места на нејзиниот индексен резултат од која било земја во светот и дополнително падна на рангирањето на глобално ниво.
Сонот за враќање на позицијата на Русија како империјална сила е основата на ова. По повеќе од десет месеци од борбите во Украина, до крајот на 2022 година беше јасно дека Русија не губи само на бојното поле, но и во борбата да ја добие пропагандната војна дома и во странство, пишува во извештајот за Русија.
Притоа во оценката за Русија за 2022 година, се додава дека:
Последица на војната беше нагласено зголемување на државната репресија против сите форми на несогласување и уште повеќе персонализација на моќта, туркајќи ја Русија кон целосна диктатура.
Русија се најде на 147 место на Индексот на демократија со оценка од 2.28 во друштво со земји со авторитарни режини, како Венецуела, Иран, Саудиска Арабија, Белорусија.
Генералната грижа за светската демократија е руската воена агресија врз Украина, но и како што се забележува, трговците со дрога, бунтовниците, воените лидери, хакерите и други закани за суверенитетот и демократијата.
Заканите за националниот суверенитет не доаѓаат само од војските освојувачи како што е руската, туку и од нетрадиционалните актери, како што се групите за шверц на дрога, приватни армии, исламистички и други бунтовници и хакери кои вршат сајбер-напади, се забележува во документот.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар