Меѓународна конференција за дезинформациите околу војната во Украина: Првата одговорност на новинарите е кон вистината

Објавено на 16 ноември, 2022 во 21:15

Војната во Украина, руските агресорски дејствија, пропагандата и дезинформациите што се шират од руските центри на влијание во онлајн просторот и во некои медиуми, практиката на спротивставувањето на ваквите дезинформации и полувистини, преку искуствата на украински, бугарски па дури и руски новинари што ја напуштиле земјата. Меѓу нив и потресни сведоштва за ситуацијата и страдањата во Украина. За овие теми дискутираа голем број новинари, фоторепортери и сниматели, како и експерти од Украина, Русија, САД, Бугарија и Северна Македонија, на меѓународната конференција „Војната во Украина: Новите фронтови“ што се одржа денеска (10.11.2022) во Софија, во организација на Асоцијацијата на европските новинари – Бугарија и Фондацијата Фридрих Науман.

Претставници на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ учествуваа во агендата и во дискусиите, како единствени учесници од Северна Македонија.

Зборувајќи од директното искуство за руските воени дејствија и злосторства врз цивилното население, од кои лишувањето од елементарни услови за живот е најбенигната форма на терор што ја трпат Украинците, како и за напорите да се раскринка пропагандата и да се идентификуваат дезинформациите продуцирани од руските дезинформациски актери под „диригентска палка“ на официјална Москва и каналите преку кои тие се шират генерално низ Балканот и Европа, учесниците во неколкуте панел-дискусии пред големиот број учесници на конференцијата оформија пластична слика за про-руските наративи и пропагандата на Кремљ, што ја заплиснуваат и Северна Македонија преку долга низа профили и страници на социјалните мрежи и „новоникнати“ веб-страници.

Украинските и руските новинари што работат во странство оддадоа посебно признание на нивните извори во Украина, но и во Русија, што ризикувајќи си го животот или ризикувајќи да бидат откриени и затворени, придонесуваат со информации и доказен материјал во форма на фотографии и видеоснимки што помагаат да се утврди вистината во поплавата од секакви информации – од точни, до полуинформации и дезинформации.

Сепак, тие информации и материјали потоа мора да ја поминат класичната новинарска проверка, односно обиди за потврдување на доставените информации и материјали. Најголемиот дел од изворите на коишто може најмногу да им се верува, секако, се оние што сте ги запознале и пред војната и веќе имате добра слика за нивните карактеристики и веродостојност, истакна Андреј Захаров од рускиот сервис на Би-Би-Си.

Како посебно ефикасна алатка за распространување на разбивањето на руските пропаганда и дезинформации, Андреј Захаров и Маргарита Шурупова, новинарка од рускиот град Томск што по почетокот на војната во Украина пребегала во Бугарија, ги истакнаа радио емисиите и ширењето на аудио и видео презентации што ги раскринкуваат дезинформациите, како полесни за „консумација“ од граѓанската публика.

Доведувајќи ја содржината на руските теренски и онлајн напади во балканска рамка, но и генерално медиумската сцена, Горан Ризаов, главниот и одговорен уредник на Мета.мк и дел од тимот учесници од Фондација Метаморфозис, потоа бугарскиот фоторепортер и снимател Георги Кожухаров и бугарскиот слободен новинар Димитар Кенаров, ги споделија искуствата од Украина, како и состојбата во Северна Македонија, пред публиката на меѓународната конференција, којашто беше новинарски проследена од некои од највлијателните бугарски медиуми.

На почетокот на панелот, беше проектирано „фриленсерското видео“ на Георги Кожухаров и Георги Тотев, создадено од потресните снимки во март во Киев и неколку други места во Украина, со сведоштва на граѓаните на коишто војната им ги одзела не само егзистенцијата, туку честопати и надежта. Кенаров исто така зборуваше за своите малку постари украински преживелици во обидот да се види и ситуацијата на Бугарите во Украина и во Молдавија.

Непријатната вистина е дека голем дел од Бугарите во Молдавија се проруски настроени. Но таа е вистината, рече Кенаров.

Горан Ризаов, во завршницата на денешната меѓународна конференција, ги презентираше главните елементи на покривањето на војната во Украина од страна на македонските медиуми.

Директно покривање нема, како да ја нема, оти освен еден пример од пред отприлика 6 месеци, кога еден или два медиуми имаа новинар во Полска, кој помина неколку дена и во Украина. И толку. Сѐ се сведува на пренесување од меѓународни извори, истакна Ризаов.

Во Македонија, рече тој, посебно е поразителна и сликата со недостиг на млади заинтересирани да студираат новинарство, а и финансиската ситуација на медиумите е генерално многу лоша, што отвора простор за продор на полуинформации и дезинформации.

Тој се осврна и на највпечатливите примери поврзани за ширењето на дезинформациите и пропагандата од Кремљ во Северна Македонија, истакнувајќи дека „Вистиномер“, како проект на „Метаморфозис“, повеќе од 10 години ја води борбата против дезинформациите, а важноста на таквите напори посебно се гледаат сега, во поплавата на дезинформации и пропаганда поврзани со украинската трагедија.

Како и да е, кај нас во Северна Македонија, речиси сите дезинформации поврзани со Украина, ни доаѓаат од странство, истакна тој.

Ризаов посочи примери на дезинформации што се разоткриени од Вистиномер, како оние за масакрот во Буча, кога се тврдеше дека немало масакр, туку сцените се фингирани, односно изглумени и изрежирани. Следниот пример што го наведе беше за тврдењата за уништување на тенковите подарени од Северна Македонија на Украина, во отсуство на кредибилни докази.

Горан Ризаов, главен уредник на новинската агенција Мета                           Фото: meta.mk

Одговарајќи на прашање на новинар од Факултетот за новинарство во Софија за состојбата на медиумите во Северна Македонија, Ризаов рече дека во борбата за кликови, односно пари од реклами, масовно се погазуваат новинарските стандарди и предуслови, односно проверките и класичната новинарска работа се речиси заборавени.

Мислам дека медиумите во Северна Македонија, во огромен дел, брзаат да објават нешто во обид за читаност, во борба за кликови, без да го проверат тоа што го објавуваат. Тоа е најголемата грешка што еден новинар и уредник може да ја направи. Во новинарството не смее да има брзање, мора да ги почитуваме стандардите. Првата одговорност на новинарот е кон вистината, рече главниот уредник на Мета.мк.

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.