Партијата Родина неаргументирано тврди дека со прскањето со авиони САД ги контролира временските услови

Објавено на 2 ноември, 2022 во 17:13

Во 2016 година, првото истражување спроведено од Карнеги сајенс, Универзитетот на Калифорнија Ирвајн и непрофитната организација Ниар зиро покажа дека трагите што ги испуштаат авионите, а кои поддржувачите на теориите на заговори ги нарекуваат кемтрејлс (chemtrails) и ги сметаат за запрашување со хемиски и биолошки агенси, своевидна современа еугеника (спречување „инфериорните луѓе“ да имаат деца), можат многу лесно и добро да се објаснат со добро познатите хемиски процеси

Политичката партија Родина преку својата веб-страница ги повикува државните институции, надлежните инспекторати, Министерството за животна средина и останати релевантни институции „да објаснат на што се должи запрашувањето на небото од авиони кои оставаат бели траги, а кои подоцна преминуваат во бела прекривка која го прикрива целиот простор над Република Македонија, особено застапено над поголемите градови“.

Понатаму, од Родина тврдат:

Бидејќи нашето небо е преземено од НАТО (САД), ја прашуваме и амбасадата на САД дали можеби се работи за некаков експеримент, ако да – за каков и кои се можните штетни последици по луѓето и живиот свет во Република Македонија? Сигурни сме дека САД се посебно „загрижени“, како лидери и учители по „демократија“ и „грижа“ за народите, па во таа насока ќе дадат и соодветен (не)одговор.

Нашето искуство и истражување кое сакаме да го споделиме со нашиот народ, говори дека се работи за воени проекти на армијата на САД, кои имаат повеќе цели, а една од нив е контролата на временските услови. Целта за контрола на временските услови останува завиткана во целофанот „климатски промени“, кои не заборавајте се нарекуваа „глобално затоплување“, па откако сфатија дека не оди по Агенда, односно Земјата се лади, ги преименуваа во „климатски промени“.

[Извор: Веб-страница на политичката партија Родина, Датум: 10.10.2022] Истиот текст е пренесен и на Фејсбук страницата на Родина, и е мошне вирален, односно до моментот на оценка на оваа изјава, има околу 200 допаѓања, над 50 коментари и исто толку споделувања.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: 

Вистиномер честопати досега се има занимавано и има пишувано за теоријата на заговор наречена „кемтрејлс“ (chemtrails). Терминот „кемтрејлс“, е англиска кованица создадена со спојување на зборовите „chemical“ (хемиски) и „trails“ (траги).

Кемтрејлс се однесува на теоријата дека владите или други политички партии се ангажирани во тајна програма за распрснување токсични хемикалии во атмосферата од авионите, на начин што формира видливи облаци и траги на небото. Се шпекулира со различни мотиви за ова наводно прскање, вклучувајќи стерилитет, намалување на животниот век, контрола на умот или контрола на временските услови. Во случајов, Родина тврди дека станува збор за „воени проекти на армијата на САД, кои имаат повеќе цели, а една од нив е контролата на временските услови“. Но, ова тврдење е неаргументирано. 

Не наидовме на никакви веродостојни докази дека постојат хемиски траги. Ако наидовме на било какви докази дека владите ги загрозуваат своите граѓани на начин како што се тврди во заговорот на кемтрејлс, ние би биле нетрпеливи да разоткриеме и да прекинеме активности од таков вид, пишува тимот истражувачи кои работат на климатската наука и технологија со фокус на науката и јавната политика на соларниот геоинженеринг под водство на Дејвид Кит, професор по применета физика на Факултетот за инженерство и применети науки на Харвард.

Во екот на пандемијата со ковид-19, во повеќе наврати теоретичарите на заговори невистинито тврдеа дека ковид-19 не е болест предизвикана од коронавирусот, туку дека станува збор за последица од труење од хемикалии кои се распрскуваат од небото. Но, белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират со километри.

Во 2016 година, првото истражување спроведено од Карнеги сајенс, Универзитетот на Калифорнија Ирвајн и непрофитната организација Ниар зиро покажа дека трагите што ги испуштаат авионите, а кои поддржувачите на теориите на заговори ги нарекуваат кемтрејлс (chemtrails) и ги сметаат за запрашување со хемиски и биолошки агенси, своевидна современа еугеника (спречување „инфериорните луѓе“ да имаат деца), можат многу лесно и добро да се објаснат со добро познатите хемиски процеси.

Во својата студија, претставена во магазинот Енвајронментал Рисрч Летерс, американскиот тим спровел темелно истражување со водечки светски атмосферски експерти. Авторите на студијата ги мотивирал фактот дека според некои меѓународни анкети дури 17 отсто од луѓето во светот веруваат во постоење на некаква форма на „Голема тајна атмосферска програма“ (на англиски SLAP), чиј составен дел се и кемтрејлс.

Бидејќи оваа теорија на заговор во последно време сѐ повеќе добива на популарност и сѐ повеќе следбеници, а за неа не е спроведена ниту една рецензирана научна студија, американскиот тим решил да го истражи мислењето на водечките атмосферски експерти за таа тема.

Во својата студија тимот прво ги одбрал експертите со најголем број цитати во највлијателните светски магазини во две полиња – 1. Атмосферските научници, експертите за кондензациски траги и 2. Геохемичарите, експертите за атмосферски депозиции, односно за правот и загадувањата кои паѓаат на површината на Земјата. Сите експерти кои учествувале во студијата имаат повеќе од 20 години искуство во своите области.

Тимот на двете групи им претставил низа различни податоци собрани на различни интернет страници кои ги промовираат теориите за СЛАП, односно за кемтрејлс, а научниците требало да ги оценат. За крај им било поставено едно клучно прашање: Дали некогаш во својата работа или во својот приватен живот сте нашле докази за кои сметате дека може да укажуваат на постоење на некоја голема тајна програма за атмосферско запрашување? Учесниците можеле да одговорат со да, не или да понудат некој свој одговор или толкување. Одговорите биле чувани во тајност, односно сите учесници знаеле дека сите нивни одговори ќе останат анонимни. Тие никако не можеле да ризикуваат со свој потврден одговор да го загрозат својот научен кредибилитет или да бидат исмевани. Резултатите покажале дека меѓу нив постои голем консензус – од 77 испитаници сите освен еден одговориле не (98,7 отсто). Научникот (или научничката) кој одговорил потврдно објаснил дека наишол на високи нивоа на бариум во атмосферата на некој зафрлен предел кој има стандардно ниско ниво на бариум на тлото.

Авторите на студијата во заклучокот објаснуваат дека решиле да ја спроведат студијата затоа што се уверени дека некои власти во своите земји спроведувале тајни програми без согласност од своите граѓани.

Затоа е разумно да се очекува обичните граѓани да бараат одговори на прашањата кои се однесуваат на нивното здравје, климатските промени и загадувањето. Иако разбираме дека голем број стравувања во теориите познати како СЛАП може да бидат легитимни, доказите кои тука се вреднувани не укажуваат на никаква тајна програма за запрашување на атмосферата. Промените во авионската технологија може да бидат причина зошто трагите се задржуваат подолго од порано, а промените во индустрискиот развој може да бидат причина за пораст на аеросолите во некои области, но фокусот врз тајните, големи програми за запрашување на атмосферата би можеле да го свртат вниманието од вистинскиот фундаментален проблем кој треба да се реши, пишуваат авторите.

Оттаму, сите кои ја шират оваа дезинформација, не даваат никакви конкретни аргументи и докази за наводното прскање со авиони, освен тоа што самите авиони прелетуваат на небото и зад себе оставаат трага од кондензација која е погрешно интерпретирана како да е некаква отровна линија.

На крај би сакале само накусо да се освренеме на тврдењето според кое САД „сфатиле“ дека „Земјата се лади“, па како резултат на тоа терминот „глобално затоплување“ бил преименуван во “климатски промени“. Најпрвин, не е точно дека терминот „глобално затоплување“ е „сменет“. Тој сè уште се употребува и во популарната и во стручната литература. На овој сајт, кој е во сопственост на државна институција на САД со име Национална администрација за океани и атмосфера (NOAA) штотуку е објавен напис со наслов „Можеме ли да го успориме или да му ја смениме насоката на глобалното затоплување?“ На истиот сајт има податоци и за глобалните просечни темепратури на површината од планетата од 1880 година, па сè до денес. Според овие податоци, температурата на земјата од 1880 до 1980 година постојано расте по 0,08 степени Целзиусови секоја деценија, а од 1980 година до денес овој температурен раст е двојно повисок и изнесува 0,18 степени Целзиусови секоја деценија. Не е јасно од каде е тврдењето на Родина за намалувањето на температурата на планетата Земја, а изворот на нивното тврдење не е наведен.

ИЗВОРИ: 

Oцени: Мери Јордановска

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.