Доктор Жарко Караџовски не е на платниот список на Рокфелер
Во постот што го рецензираме искористена е техника за манипулација која се вика дискредитација на личноста, односно ад хоминем атак, каде што всушност, се доведува во врска вакцинацијата против ковид-19 со „Рокфелер“ фондацијата, како наводен заговор, и тоа преку грбот на доктор Жарко Караџовски, кој учествувал со свој придонес во научен труд сосема неповрзан со вакцинацијата. „Рокфелер“ фондацијата само го објавила трудот во кој се говори за еднодецениското работење на Здравствената мрежа на југоисточна Европа, а во кој Караџовски е претставник на Институтот за јавно здравје
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека претседателот на Комисијата за заразни болести и долгогодишен епидемиолог во Институтот за јавно здравје, доктор Жарко Караџовски, е на платен список на Рокфелер.
Како „доказ“ за ваквото тврдење се споделува фотографија од публикација којашто е објавена на веб- страницата на фондацијата „Рокфелер“. Оваа публикација е научно медицинско списание, коешто е прегледано од медицинската заедница, значи дека е стручно и во кое се говори за здравствените ризици кои се на повидок. Самото списание може да се погледне на следниот линк.
Овој број на списанието е од 2013 година, но злоупотребено е името на Караџовски во 2021 година со цел да се дискредитира вакциналниот процес преку обид за нарушување на неговиот кредибилитет.
Содржините во списанието се бираат според нивната иновативност и опсегот на закана, но и според научна експертиза. Во журналот се добредојдени истражувачки студии кои промовираат како да се разберат заканувачките фактори, да се превенираат и да се победат здравствените закани. Журналот бара високо квалитетни прилози од академската заедница, клиничката пракса, јавното здравје и владините истражувања, коментари и перспективи за појавните закани за јавното здравје.
Во таков контекст, во овој број на журналот, објавен е дел за Здравствената мрежа на југоисточна Европа.
Во Здравствената мрежа на југоисточна Европа се Албанија, Босна, Бугарија, Хрватска, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија. Оваа мрежа е формирана во 2001 година за да ги координира и да помогне да се имплементираат и евалуираат здравствените политики и услуги меѓу регионалните членки. Оваа мрежа е поддржана од секретаријат управуван од Советот на Европа и на регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа.
Како претставник на оваа мрежа од Институтот за јавно здравје, во публикацијата свој придонес дал и доктор Жарко Караџовски, долгогодишен епидемиолог со децениска кариера.
Во поглед на финансиите, мрежата добила политичка, техничка и финансиска поддршка од 10 партнерски земји и 5 интернационални организации, но ова нималку не значи дека тие пари отишле во џебот на Караџовски само затоа што неговото име е споменато како претставник на Институтот за јавно здравје. Оттука, да се поврзе со фондацијата „Рокфелер“ со доктор Жарко Караџовски кој во публикацијата е претставник на Институтот за јавно здравје и тоа од област што е во доменот на меѓудржавните интереси на земјите членки на здравствената мрежа, е тенденциозно пропуштање на контекстот. Нема докази дека фондацијата „Рокфелер“ воопшто го платила доктор Караџовски за што било, иако е точно дека публикацијата е објавена на веб-страницата на фондацијата „Рокфелер“.
Во самиот медицински журнал уредништвото ѝ се заблагодарува на „Рокфелер“ фондацијата зашто организирала собир на авторите во Италија, а како резултат на оваа конференција настанал трудот што е објавен.
Тоа што Караџовски, како експерт во областа од јавното здравје со децениска кариера, бил автор на еден нормален научен собир не го става на платниот список на „Рокфелер“ и особено наспроти изнесеното во постот – не го доведува во корелација со вакцините против ковид.
Во постот што го рецензираме искористена е техника за манипулација која се вика дискредитација на личноста, односно ад хоминем атак, каде што, всушност, се доведува во врска вакцинацијата со „Рокфелер“ фондацијата, како наводен заговор, и тоа преку грбот на Караџовски, кој учествувал со свој придонес во научен труд сосема неповрзан со вакцинацијата.
Згора на тоа Здравствената мрежа на југоисточна Европа е формирана во 2001 година (а токму во ова поглавје од публикацијата е споменато името на Караџовски), со цел да се имплементираат и евалуираат здравствени политики и услуги меѓу регионалните членки кои се повеќе држави.
Здравствената мрежа на југоисточна Европа е заедничка соработка меѓу владите на Албанија, Босна, Бугарија, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Македонија. Во 2002 година мрежата почнала проект за болести каде што целта била да се зајакнат националните и регионалните системи на набљудување со фокус на меѓугранична соработка. Со текот на времето мрежата создала растечки број на експерти за заразни болести кои се способни да разговараат за појавните проблеми и најдобри практики без да ги загрозат традиционалните системи. Главни постигнувања на оваа мрежа се заедничките подготовки меѓу државите за пандемијата на инфлуенца на пример во целиот регион. Во делот од публикацијата каде се споменува Караџовски, се говори за напредокот постигнат во текот на проектот кој во моментот траел 1 декада. Тоа може да го прочитате на 34 страница од журналот.
Поради фактот што доктор Жарко Караџовски во публикацијата се претставува како претставник на Институтот за јавно здравје, односно претставник е на јавноздравствена институција и во контекст на Здравствената мрежа на југоисточна Европа,оценуваме дека е невистина дека тој е на платниот список на „Рокфелер“. „Рокфелер“ фондацијата само го објавила трудот во кој се говори за еднодецениското работење на Здравствената мрежа на југоисточна Европа, а во кој Караџовски е претставник на Институтот за јавно здравје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар