119 години од раѓањето на велешкиот војвода Миле Поп Јорданов
Миле Поп Јорданов, роден на 22 декември 1879 година на велешки Којник е македонски револуционер и просветен деец, учесник во македонското револуционерно движење, член, секретар и војвода на ТМОРО, брат на познатиот велешки гемиџија Јордан Поп Јорданов – Орцето.
Миле Поп Јорданов во текот на 1902 година се разболува и се враќа со тројца другари од својата чета во Велес за да закрепне. Но не успева во тоа затоа што е наклеветен од велешкиот шпион Тасе Коцкарот. Кога му пренесуваат дека е предаден со тројцата другари ноќта низ велешките темни сокаци се обидува да го напушти градот Велес. Со тројцата другари го минат дрвениот мост на реката Вардар за да се упатат кон правец на Штип, но кај општинското училиште имало поставено турски аскер при што дошло до жестока престрелка.
Во таквите околности Поп Јорданов наредува тројцата другари да се повлекуваат и тој почнува сам да пука накај војската сè додека има муниција. Кога му останал последниот куршум, за да не падне жив во рацете на аскерот, во велешкото маало Јурија, си го става револверот на слепоочницата и си го одзема животот.
Турскиот командант наредил телото на мртвиот војвода да се истакне на улиците на Велес и тие што ќе го препознаат мртвиот да се заробат, сите кој минеле биле со наведнати глави и молчеле иако знаеле кој е убиениот. Единствено сестрата на Миле не успеала да дотррае и вриснала на целиот глас кога го видела телото на својот брат.
Во негова чест е испеана познатата народна песна Болен ми лежи Миле Поп Јорданов. На 26 април 2006 година Совет на Општина Велес ја прогласи песната како официјална химна на градот Велес. Иако во песната се пее „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, тој загинал во борба. Имено, во најраната верзија се пеело: „Бог да го прости Миле Поп Јорданов. Како ми е легнал, нема да ми стане“. Зборовите од песната, исто така, се овековечени на надгробната плоча на Миле Поп Јорданов:
„Бог да го прости Миле Поп Орданов,
Миле Поп Орданов за Народ загина,
за народ загина, за Македонија“