202 велешани направија увид во Избирачки список, останатите имаат можност до полноќ
Во изминатите дваесет дена вкупно 202 граѓани на Општина Велес направиле увид за своите лични податоци во Избирачки список. Граѓаните тоа го сториле со физичко присуство во подрачното одделение на ДИК, што се наоѓа во зградата на општината.
Од вкупниот број 198 граѓани само ги провериле својте лични податоци .Четворица или по двајца поднеле барање за промена на лични податоци и за внесување во Избирачки список.
-Во изминатите дваесет дена подрачното одделение на Државната изборна комисија работеше со продолжено работно време до 19:00 часот. До денеска имавме посета од вкупно 202 граѓани. Промена на личен податок поврзан со живеалиште поднесоа двајца граѓани и исто толку за внесување во Избирачки список. Бидејќи денешниот ден е последен од законски утврдениот рок за увид службата во Велес ќе работи до полноќ. До тогаш можат граѓаните да дојдат и проверат дали ги има во Избирачкиот список или да пријават промени во нивните лични податоци, рече раководителот Костадин Бабунски.
Со проверката на лични податоци во Избирачкиот список граѓаните можат да видат дали се евидентирани и дали податоците се точни податоци за да можат да го остварат правото на глас на претстојните Локални избори што ќе се одржат наредниот месец.
Убавка Јаневска