77 години слободен Велес- (ФОТО)
Годинава се навршуваат 77 години од вечниот непокор за слободна, самостојна и независна Република Македонија, од славната историска 1944 година кога борците од велешките партизански одреди „Димитар Влахов“, „Трајче Петкановски“ и „Осма велешка народно ослободителна бригата“ застанаа на браникот на градот и му се спортиставија на непријателот. Вака го започна говорот градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на свечената седница со која се одбележа денот на ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор.
-Борејќи се храбро, борците го остварија вековниот сон на Гемиџиите, на Илиденците и на сите знајни и незнајни јунаци. На овој историски ден, врежан во колектицната меморија на секој велешанец, се потсетуваме на нивното херојство и идеал за слобода. Затоа денеска на овој светол ден уште еднаш да им оддадеме почит и да им се заблагодариме за слободата што денеска сите ние ја живееме. Наша должност е да ги чуваме спомените и да ги негуваме придобивките од Народно ослободителната и анти фашистичка војна, достојно да ги исполниме заветите на нашите славни предци и да го градиме Велес во убаво место за живеење. Со заедничка сила, заедно, да се обидеме Велес да го развиеме во модерен и современ град, со силна економија, социјална заштита, подобро образование, култура и традиција. Да го градиме Велес во достоинствено и достојно место за живот за сите сегашни и идни генерации, додаде градоначалникот Колев.
На свечената седница, што денеска се одржа во сала „Бели Мугри“ во Велес им беа врачени традиционалните деветоноемвриски награди и признанија на заслужни велешани за придонес, промоција и афирмација на градот и општината, во изминатата година.
Годинешни добитници на Пофалници „9 Ноември“ се велешаните Богданчо Драскачев и Благој Ѓорчевски за волонтерско учество во гасење пожари, спортистите Никола Димов, Тале Илиевски, Марија Пановска и Марија Николов во кајакарство, во атлетика и во кошаркарка како и виолинистката Камелија Дуковска и Томе Трајков, првата за афирмација на уметничките вредности и вториот за придонес во граѓанскиот активизам.
Благодарници „9 Ноември“ им беа врачени на волонтерите на Општинската организација на Црвен крст, за развој на волонтерството во услови на светска пандемија на ковид-19, на режисерот Ненад Витанов за афирмација на театарската уметност, на Елма Шемсовиќ за афирмација на спортот во дисциплината фудбал, на Петре Штерјов за афирмација на музичката уметност, на Дарко Николов за афирмација на спортската дисциплина одбојка, на Трајче Чатмов за афирмација на ликовната уметност, на Ангел Мицевски-Скакар за афирмација на спортот во областа на боречките вештини како и на вработените во ЈЗУ Општа болница Велес за несебичниот придонес во справувањето со здравствената ковид криза, на Филип Иванов за развој на хуманоста и волонтерството, на Филип Арилон за афирмација на музичката уметност и на Благородна Донева за придонес и развој на етнологијата и занаетчиството.
Добитници на Благодарница „9 Ноември“ годинава се и сите општествено одговорни компании кои дадоа свој придонес во отворањето на вакциналниот пункт во Велес.
Општина Велес постхумно додели Спомен Плакета, за посебен придонес во создавањето услови за сигурност и безбедност на граѓаните на Општина Велес, на Игор Ангеловски поранешниот Началник на Секторот за внатрешни работи Велес.
Спомен – плакети добија и компаниите „Ронтис“ и „Маркарт“ за покажана општествена одговорност како кон Општина Велес така и со поддршки на повеќе локални општински институции.
Добитник на општинската награда „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2021 година, што се доделува за постигнати врвни резултати и успех во образованието, е студентката на Медицински факултет Бојана Кацарова.
Престижната највисока награда за животно дело „Гемиџии“ ја доби Александар Ѓеоргиев пензионираниот актер, поранешен директор на НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и еден од основачите на Фестивалот на античка драма „Стоби“.
Во чест на наградените концерт одржа триото оперски пејачи „Трио Џемтлмен“ а настапи и оперскиот пејач Игор Дурловски.
Убавка Јаневска