Абрашев: „МВР конечно да изврши увид и да го стави во функција полигонот за возачки испит во Велес“
Пет месечното не функционирање на полигонот за полагање на возачки испит во Велес го кочи Министерство за внатрешни работи смета советничката група на Левица во Советот на Општина Велес. Според советникот Димитар Абрашев станува збор за неодговорно работење на ова министерство.
-Поради неодговорното работење на министерството за внатрешни работи, велешкиот полигон скоро пет месеци има забрана за користење. Пет месеци жителите на Велес но и околните села немаат можност да се обучаваат, но и да полагаат за возачки испит. Штета трпат и сите автошколи во Велес, кои се доведени во незавидна положба поради намалениот обем на работа. Според нашите информации извршени се сите градежни работи со градежна дозвола од Општина Велес, според правилникот за полигони, но повеќе од 1 месец се чека МВР да изврши увид и даде дозвола за работа на истиот. Бараме од Министерството за Внатрешни Работи во најкраток рок да изврши увид, а со тоа полигонот ќе биде ставен во функција, рече Абрашев пред новинарите денеска во Велес.
Тој изјавата ја даде пред заклучената влезна капија на полигонот за полагање на возачки испит.
Стефани Манева