Акцијашите ветерани подготвија Закон за акцијаштво и доброволни работни акции,ќе бараат да го усвои македонското Собрание
Законот за акцијаштво и доброволни работни акции го работеа искусни акцијаши ветерани а меѓу нив правници и економисти. Документот содржи вкупно 17 члена коишто ја регулираат потребата од овој вид на активности на граѓанскиот сектор што беше препознатлив од младите луѓе во претходниот систем на државата. Целта на предлагачите на законот е да ги мотивираат младите и да ги здружат возрасните, искусни акцијаши, за враќање на вредностите кои нудеа доброволна работа и учество на работни акции за создавање на поквалитетен живот на граѓаните како во локалната заедница така и во државата.
-Ќе треба да пронајдеме мотив за да го поврземе минатото, сегашноста и да го пренесеме на идните генерации. Кога го велам ова мислам на ентузијазмот на генерациите млади луѓе кои преку доброволна работа ги канализираа водите од Шар Планина во огромна акумулација од која и денеска се произведува електрична енергија и е најголем електроенергетски државен потенцијал. Зборувам за придонесот на акцијашите учесници на Сојузната младинска работна акција „Маврово“ во периодот од 1948 до 1957 година. Нему му претходеше младинската работна акција „Моноспитово“ во која млади луѓе од цела тогашна држава Југославија, исто така, учествуваа во изградба на системот за одводнување на струмичкото поле. Следеа десетици други младински работни акции само во Македонија преку кои младите директно придонесоа за изградба на автопатот што и денеска го користиме од Табановци до Демир Капија, копаа водоводни и канализациски мрежи, градеа суштествено значајни и потребни објекти, рече Борче Ѓоргиевски претседател на Сојузот на волонтери акцијаши на Македонија.
Сојузот денеска во Велес одржа редовна седница на Управниот одбор на која меѓу другите точки расправаше и за Законот за акцијаштво и доброволни младински акции.
-Во наредните 15 дена ќедадеме можност за прочистување на текстот на предложената драфт верзија на законот со цел точно да го дефинираме акцијаштвото како термин наспроти волонтерството, хуманизмот и хуманитарните активности за да им дадеме предност на акцијашките доброволни активности како и финансирањето коешто треба да биде законски регулирано. До 15 мај ќе остваримеконтакти со парламентарното мнозинство и со владата за потоа да го доставиме до Влада и до Собрание, додаде Ѓоргиевски.
Сојузот на волонтери акцијаши на Македонија, исто така, ќе им даде можност по Законот да се произнесат и веќе формираните граѓански здруженија на акцијаши ветерани цо седум градови во државата меѓу кои е и Велес.
Убавка Јаневска