Арамии го ограбиле и манастирот „Свети Илија“ крај Велес, тоа што не успеале да однесат го искршиле
Грабежот се случил помеѓу 16 часот на 19 и истото време на 20 април,годинава. По ограбувањето на манастирот „Свети Илија“ свештено лице го затекнало во невиден неред. Тоа пријавило во Секторот за внатрешни работи Велес.
Полицијата направила увид според кој утврдено е дека едно лице насилно ја отворило вратата од трпезаријата на Манастирот Свети Илија и одзело повеќе предмети. Од СВР Велес одговорија на прашањата на Дума.мк дека работат на расчистување на случајот.
Во меѓувреме, граѓани кои го посетиле манастирот на социјалната мрежа Фејсбук сведочат за голема штета што зад себе ја оставил арамијата или арамиите. Според нив искршени биле бројни предмети, садови за домаќинство, технички апарати што во манастирот биле донирани или набавени од Епархија Повардарска.
Од СВР Велес не одговорија конкретно на прашањето за зголемен надзор врз духовниот објект туку со образложение дека станува збор за имот на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, што значи приватен, рекоа дека единствено што можеле да сторат е да го засилат надзорот преку полициски екипи. Но тоа не било реализирано во изминатиот месец.
Убавка Јаневска