Откриени четворица крадци на огревно дрво од Прилеп кај Степанци
Околу два ипол метри просторни сурови дрвја натоварени во три автомобили марка „Лада“ викендов кај селото Степанци запленила шумската полиција, вработени во ШС „Бабуна“ и полицијата од станицата во Чашка. Нив, викендов, ги исекле со моторна пила и ги натовариле вкупно четворица граѓани од Прилеп. Крадците биле откриени во заедничка контрола на трите државни институции. Меѓу крадците бил и еден граѓанин кого полицијата го барала за издржување на затворска казна за кривично дело што претходно го стоил.
– Со него постапивме согласно наредбата на Основниот суд во Прилеп. Го спроведовме на издржување на стара затворска казна во времетраење од една година. Нелегално исечените 2,4 метри просторни дрвја се запленети исто како и возилата марка лада рива, лада специјал и лада заедно една рачна моторна пила. Против прекршителите на законот ќе биде поднесен соодветен поднесок. Целата документација и е предадена на шумската полиција, рече Анита Стојковска портпарол на СВР Велес.
Четворицата крадци, за исечените дабови и габерови дрвја, се соочуваат со казни согласно Законот за шуми./Д.С
