Дваесет дена порано производителите сеат ориз на лаките во Чашка
Се сее оризот на лаките покрај реката Тополка. Оризопроизводителите од селата Лисиче, Голозинци, Мелница, Еловец, Чашка, Стари Град и Долно Врановци, сеат дваесетина дена порано од лани. Во овој дел од општина Чашка има доволно вода затоа што селата се наоѓаат под браната на велешкиот хидросистем „ Лисиче“ од каде штом акумулацијата се наполни тогаш се испушта вода во реката.
Славе Трајковски е долгогодишен оризопроизводител од селото Лисиче кој вели дека годинава ќе посее на 1,5 хектар повеќе ориз затоа што лани добро заработил.
– Минатата година под ориз имав 8 декари. Роди повеќе од добро. Најдов 7.000 килограми. Заработив добри пари. И субвенции зедов. Годинава ги проширувам површините. Ќе посеам ориз на повеќе од 1,5 хектар. Оризот во овој крај дава најголеми приноси од било која друга култура, а има и добра цена. Пченица од хектар можеш да произведеш повеќе од 2.500 килограми. Цената се знае. За слама не можеш да извадиш“, вели Трајковски.
Тој не е единствен од овој регион за кого оризот стана примамлива земјоделска култура. Меѓу производителите кои тврдат дека оризот се враќа на лаките покрај реките Тополка и Бабуна е и Митко Игнов од селото Белештевица.
– Во моментов сметам дека нема подоходовна култура од оризот.. Од хектар вадиме од 7 до 9.000 килограми квалитетна оризова арпа. Доколку откупната цена на апрпата биде како и минатата година по 20 денари за килограм од оризот може добро да се заработи и да се живее“, вели Игнов.
Сега останува да се види дали тие ќе успеат велешкиот регион да го вратат меѓу најголемите производители на ориз. Пред три децении овој дел од државата важеше за еден од оние со поголеми приноси иако производството беше помало од кочанско, виничко и штипско. Тогаш покрај селата Лисиче, Голозинци, Мелница, Еловец, Чашка, Стари Град, и Долно Врановци лаките со ориз се простираа на 700 хектари. За годинава производителите на број околу 400 велат дека ќе ги зголемат од 70 на вкупно 200 хектари. Тие очекуваат производство на 1,6 илјади тони квалитетна оризова арпа./Д.С
