Откриен нов километар во внатрешноста на пештера во Јакупица

Објавено на 30 август, 2014 во 15:04

Чешко словачките спелеолози открија уште еден километар од пештерата која започнаа да ја истражуваат пред две години на планината Јакупица, под Солунска глава. Сега истражени се вкупно два и пол километри во внатрешноста на планинскиот масив и потврдено дека оваа пештера е една од најдолгите пештери во Македонија.

„Пештерата е многу тешка за логистика и нови истражувања но пред нас беше голем предизвик. За освојување на тие нови 900 метри беше неопходна беспрекорна оргнизација на тимот и сложен план за транспорт на опремата посебно во многу тесните места. Пештерата е многу проблематична но има потенцијал и продолжуваме понатаму да ја истражуваме нејзината должина,“ рече Карл Кришка  спелеолог од  клубот Спелродајперс  од Словачка.

„Пештерата е комплицирана бидејќи треба да се нурка, така ги поминавме двата сифони по што дојдовме на сув дел. Таму ја оставивме опремата, но по тоа дојдоа многу тесни делови во кои едвај се движевме, а особено е опасно бидејќи се работи за карпест терен со големи тектонски движења,“ рече спелеологот Даниел Лотњан од чешкото спелеолошко друштво.

Овие спелеолози се само двајца од групата која во изминатите десеттина дена ги истражуваа тунели, базени со вода и огромни пештерски хали. Раскажаа како наишле на многу препреки, потешкотии и огромни водени базени кои единствено се минуваат со нуркање.  Сепак велат она што во своите пазуви го крие Јакупица и врвот Солунска Глава мора да станде достапно за голем број авантуристи од светот. Тие очекуваат дека барем мал дел од прекрасниот пештерски систем исполнет со високи хали полни со вода со сталактити, сталагмити и оџаци ќе излезе пред очите на обичните луѓе. Во истражувачката мисија со нив беше и Иван Жежовски од  Спелеолошко друштво  „Пеони“ од Скопје.

„Тој простор сега се освојува, никој жив досега не влегол внатре а понатаму ке му се даде адекватна намена се разбира кога детално ќе се истражи. Сега топографски и фотографски се снима. Подоцна ќе се прават биолошки анализи и други научни истражувања и постепено ќе се става во функција,“ рече Жежовски.

Ова е трета година на подземни истражувања што ги финансира општина Чашка. Од спелеолозите се очекува да ги потврдат првичните информации декаво внатрешноста на Јакупица се наоѓа најголемиот базен со питка вода во Централна Македонија од кои извира Бабуна и уште неколку други реки. Спелеолозите ќе се обидат да ја поминат подземната мрежа и да стигнат од другата страна на планината, се до пештерите на Матка./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.