Богомилчани останаа без матичен лекар

Објавено на 13 септември, 2014 во 08:06

Жителите од селата Богомила, Ореше, Папрадиште, Нежилово, Бистрица, Согле, Црешнево  и други од регионот на Азот, немаат лекар.  Лекарот, кој подолго време работеше, си заминал. До најблиската амбуланта во селото Извор сега над 650 жители, пред се стари лица, ќе треба да патуваат и по 25 километри. Но таму лекарот работи само два дена во седмицата.

„Господ нека ни е напомош. Кога сега на овие години ни е најпотребен лекар него го немаме. Извор,Чашка и Велес за нас се далеку. Тешко, навистина многу тешко. А уште потешко ќе биде кога ќе дојде зима“, велат жители на Богомила.

Иако не сите се задоволни од здравствените услуги што досега ги добивале велат дека дознале оти нивниот матичен лекар се откажал и си заминал поради малиот број на пациенти.  Како и да е лекарот кој им даваше здравствена заштита на жителите од десетина села во регионот на Азот повеќе не е таму. Амбулантата е затворена. Старите и изнемоштени жители незнаат што да прават. Сега тие за една таблета или инјекција, мораат да одат до селото Извор или да патуваат педесеттина километри за да стигнат во Велес.

„Ги молиме одговорните да не не заборават и да ни обезбедат лекар. Деведесет одсто од нас се стари и немоќни. Неможеме од дома да излеземе, а како ли да одиме во Извор или Велес. Лекарот ни беше добар. Не посетуваше дома. Зошто не остави незнам“, вели баба Невена од Богомила.

Со заминувањето на лекарот од Богомила во многу потешка состојба сега се жителите од Ореше, Бистрица, Црешнево, Нежилово, Мокрени, Ореов Дол, Габровник  кои се оддалечени по десетина километри од Богомила./С.А

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.