Не е само хуманоста одлика на велешанецот Тодор Митушевски кој и во пензионерските денови вредно работи создава иновации
05.02.2021
Во просторијата која му служи како остава и е составен дел од неговата куќа во селото Мартолци, Тодор Митушевски пребаруваше различни делови од технички апарати за сам да направи алат за шмирглање што претходно го гледал на јутуб. Штом ги избра деловите не одпоздрави и почна да ни раскажува за неговиот работен дел од денот кој што започнал во денешните мугри.
Глетката на се’ што имаше во просторијата за складирање и одличниот соговорник што го имав пред себе, ме поттикна да зборуваме за сосема други прашања со човекот што велешката јавност одамна го познава а македонската само што дозна како голем хуманист кој секој месец ја донира својата македонска пензија во висина од 3.600 денари на социјално загрозени граѓани.
По срдечниот прием, во дворот на Тодор го испивме планинскиот чај што ни го подготви неговата сопруга Мариче, за потоа да го започнеме разговорот од кој првично произлегоа одговори што ги даде сестрана и многу интересна личност.
Тој ни го раскажа неговиот работен век во кој што работел како продавач , во стоковната куќа „На Ма“ а подоцна скоро 20 години бил претставник на фирмата „Јутранка“ во Словенија која што била доста ценета во Југославија. По распаѓањето на таа држава Тодор се вратил во Македонија каде заедно со својата сопруга берел печурки за да може да им овозможи факултетско образование на своите две ќерки.
-Дали ми фалат деновите од младоста? Дали ми фали Словенија и Југославија? Во таа земја која што беше ценета, која што беше фалена, која нудеше многу задоволства, како може да не се сака и да не се бара? Знаете како, постои израелскаклетва која вели: Да имаш многу а потоа да немаш ништо. Но тоа е тоа, ние сме задоволни со тоа што го имаме и живееме со тоа што сме го стекнале, рече Митушевски.
Тој сега, на својата 74 годишна возраст, ужива во благодетите на природата и сам произведува здрава храна. Во неговата градина има вкупно 150 дрвја кои сам ги има засадено, вкупно три фолии во кои заедно со својата сопруга одгледуваат различни видови на зеленчук и овошје, мало лозје и мала градина. Според Тодор денот и ноќта да се спојат се малку за да ја заврши својата работа.
-Одгледуваме се што е потребно за нашата куќа. Имаме компир, лук, пиперка, домат, од овошје имаме 26 врсти како јагоди, круши, аронија имаме и авокадо како и гоџи бери. Се што може и е потребно за дома, но тоа ни претставува и голема занимација па не ни е досадно, додаде Митушевски.
Тодор е познат по својата хуманост, тој секој месец ја донира својата македонска пензија онаму каде што е најпотребно. Како што вели: Дарувајте колку што можете затоа што задоволството е преголемо кога ќе дознаете дека тие пари што ги имате донирано на некој му придонеле многу!
-Хуманоста во Велес но и во Македонија е многу потребна, доста народ живее многу сиромашно и едвај врзува крај со крај. Малкумина донираат и помагаат. Денеска сите гледаат да ги задоволат своите потреби без да размислат дали на некој друг му е потребно, затоа мојот апел е да се донира на луѓе или организации кои се занимаваат со хуманитарна дејност. Сето тоа направете го за на некој друг денот да му биде посветол, додаде Митушевски.
Тодор Митушевски во 2017 година беше прогласен за најхуманитарен човек во градот Велес. Тој исто така има добиено и многу плакети и признанија од страна на Црвен Крст и три цркви во родниот Велес .
На заминување Тодор не испрати со покана, да наминеме повторно напролет кога неговата градина, во прекресен и живописен предел на Азот ќе понуди глетка што ретко каде може да се доживее.
Стефани Манева