Катастарот отвори канцеларија во Чашка а граѓаните дојдоа за да бараат одземен имот

Објавено на 22 јануари, 2014 во 13:52

– Татко ми почина и не дочека да се докаже дека неговата земја сега е моја, а му беше желба, поклон ми ја остави. Сега барам некако да се исправи оваа неправда, да ми се вратат седумдесетте декари земја, рече Ацо Николовски, жител на селото Бистрица. Тој беше само еден од стотината граѓани на општина Чашка кои денеска дојдоа на првиот отворен ден на Агенцијата за катастар на недвижности. Таму беше отворена канцеларија.

Но речиси сите жители на Чашка го имаат истиот проблем како Николовски. Дел од нив откриле дека нивната земја, државата ја продала на други луѓе. На дел пак катастрот им ја земал земјата, а им нудел парцели на други локации.

– Ми даваат кај Бабина Рупа земја, а мојата си беше в село блиску не таму горе. А и секако не сакам државна земја, никаква туѓа земја, си го барам своето, мојата земја, рече жител на селото Нежилово.

– Ми одземале дел од земјата покрај реката Бабуна и ја продале на друг човек. Сега тој е сопственик иако јас имам се, ги имам сите документи, на нотар заверени, ја поседувам одамна од татко ми е наследство“, рече жител на Нежилово.

Директорот на катастарот Славчо Трпевски  признава дека од 38 села во општина Чашка во 25 има проблеми. Очекува дека од следниот месец ке им се врати земјата на сопствениците, освен на оние на кои е продадено земјиштето на други луѓе.

– Ова е наследен проблем кога јас не сум бил директор. Јас сум од неодамна на оваа функција и со доаѓањето веднаш се започнав со решавањето на овој проблем. Го изменивме законот, отвораме канцеларија тука во Чашка и од следниот месец ќе распишеме оглас за луѓето со сите документи да дојдат и да решаваме случај по случај“, рече Трпевски.

Тој на градоначалникот Горанчо Пановски му го издаде имотниот лист на општината како прв во штотуку отворената канцеларија на Катастарот во Чашка./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.