Во Нежилово, откриена спомен плоча на првоборецот Невена Георгиева Дуња

Објавено на 13 јануари, 2014 во 09:54

Ликот на младата македонска хероина стои на спомен плочата поставена во комплексот на рибникот, на самиот влез во селото Нежилово. На овој начин жителите на селото и оддадоа должна почит и благодарност за придонесот за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.

Спомен обележјето е поставено во близина на местото на загинувањето на најмладата партизанка на Првиот скопски партизански одред и на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, припадничка на младинското, синдикално и работничко движење меѓу двете светски војни и учесник во Народноослободителната војна од 1941 година.

Во присуство на нејзиниот брат Љубиша Георгиев со семејството, спомен плочата, беше откриена по 89 години од смртта и на денот кога Невена Георгиева Дуња била родена.

– Името на училиштето во кое учев, овде во Нежилово, го носеше името на оваа македонска хероина. Таа загинала во местото викано Рамноборје, под изворите на Бабуна и на само четири километри од селово. Мојата баба ми го раскажуваше настанот кога откако ја убиле бугарската полиција и контра-четниците, на Невена и  ја отсекле главата и ја фрлиле на сред село. Тие потоа за да го заплашуваат населението во АЗОТ, главата ја набиле на кол и ја шетале од овде до Велес. Ние, жителите на селото одлучивме да и се оддолжиме за нејзината храброст и за придонесот за зачувување на идентитетот на македонскиот народ. Затоа ја поставивме оваа спомен плоча, рече Трајче Димовски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.