Во комплетно реновираната болница во Јасеново само автобусот е стар!
Нов наместо стариот автобус во кој бесплатно секое утро се возат пациентите, заедно со лекарите и останатиот медицински персонал, 30 км од Велес до Јасеново и почести автобуски линии до болницата се единствените барања на пациентите кои се лекуваат во најстарата специјалистичка болница за белодробни заболувања. Јавната здравствена установа има целосно нов изглед. По реновирањето заслужено го доби називот европска болница, велат пациенти.
– Само уште автобусот да го сменат, нов да има а за другото немаме никакви забелешки. Односот на медицинскиот персонал, услугата што ја добиваме и грижата е на европско ниво. Нигде на друго место не не третираат како тука, затоа доаѓам јас и целото мое семејство, рече пациентка од Оризари.
– Автобусот е единственото нешто што фрла сенка над изгледот на болницата. Сега кога ја изреновираа таа наликува на клиниката Шварцвалд од телевизиската серија. Да не ни треба често за болничко лекување но за амбулантско да ти е мерак да дојдеш. И апелирам во текот на денот барем на четири часа да има превоз од Велес бидејки сега доаѓаме наутро и се враќаме попладне со медицинскиот персонал, рече пациент од Велес.
– Јас морам со години да се лекувам болнички и сум задоволен од се што овде има. Ке почнам од односот и ќе завршам со апаратите, се е ново и најсовремено, рече пациент од Кавадарци.
Со 2 милиони евра од државата во болницата во Јасеново, по нецели две години, комплетно заврши реновирањето на трите павиљони. Сега амбулантите работат како кабинети и се издвоени од одделенијата на кои одеднаш во четворокреветни, во двокреветни и во апартмани со посебни бањи се лекуваат по 76 пациенти. Лани вкупно 1087 граѓани болнички се лекувале додека амбулантски биле прегледани вкупно 5023 пациенти. Тоа е за 25 отсто повеќе од 2012 година. Најмногу или 60 отсто од пациентите побарале помош за белодробни заболувања, 30 отсто биле срцево болни додека 10 отсто од други болести, рече директорот д-р Гоце Бузалков
– Новите пациенти се резултат на квалитетот на здравствена заштита, воведените модерни стандарди на дијагностика и лекување. Сите пациенти ги лекуваме кабинетски бидејќи располагаме со кабинет за ЕКГ, за спирометрија, алерголошки, ренген, насовремени еха од кои едно е васкуларно, современа лабораторија и во план сме годинава да отвориме стрес тест кабинет а во алерголошкиот да испитуваме и алергии на пеницилин.
Д-р Бузалков вели дека болницата се обидува сама да го реши и проблемот со автобусот. До сега испратила писма до Агенцијата за одземен имот, се обидела и кај странските амбасади во Скопје а писмо ќе напише и до министерството за здравство.
– Знам како е и јас се возам во автобусот и моите колеги исто така. Треба похумани услови за пациентите и за сите нас. Ќе го решиме годинава и тој проблем ако не го обезбедиме со донација не одеднаш но со плаќање на рати можеме да купиме автобус. Лани и оломнани болницата доби солиден износ на пари од министерството за здравство. Сметав дека не треба да претеруваме бидејки има и други болници во државава на кои им треба помош, рече Бузалков.
Во болницата се лекуваат пациенти од целиот Вардарски регион. Доаѓаат и од Кочани, Пробиштип и Скопје. Ниту еден од нив не е вратен иако ги лекуваат само петмина лекари специјалисти, девет медицински сестри, тројца лаборанти и неколку волонтери. На болницата и требаат лекари и медицински сестри.
