Централното градско подрачје на Велес е со паметни или смарт решенија, заврши тригодишниот проект (видео и фото)

Реконструкција на централното градско подрачје којашто содржи изградени или реконструирани кружни текови, поставена подземна атмосферска канализација и поделба на коловозот на три зони за велосипедисти, за пешаци и за сообраќај како и реконструирани тротоари на делот од улицата „8 Септември“ каде се поставени четири паметни постојки за јавен превоз, четири паметни клупи и два подземни смарт контејнери се само дел од реализацијата на тригодишниот проект „Паметни решенија – Велес продолжуваме“ којшто го спроведуваше Општина Велес. Овој проект овозможи набавка на 10 електрични велосипеди и Мобилна апликација за функционалност овозможувајќи им на велешани да користат, наместо автомобили, еколошки алтернативен превоз во градот.

Овие проектни резултати денеска беа соопштени на Конференција во зградата на Општина Велес. Со нив беше означен крајот на проектот за кој е подготвено и видео.
За проектната менаџерка Марија Алчева најзначаен е инфраструктурниот дел од реализацијата на проектот во централното градско јадро, специфично од повеќе аспекти, заедно со набавката и инсталацијата на смарт опремата која вклучува четири паметни постројки, четири паметни клупи на кои има можност да се полнат електрични уреди, четири полначи за електрични возила, двата контејнери и набавката на десет електрични велосипеди.

–За фунцкионирање на смарт опремата се разви мобилна апликација која ќе се однесува за јавниот транспорт воедно и како систем за користење на електричните велосипеди. Наскоро на интернет страницата на Општина Велес ќе биде објавена и Е-смарт книга достапна за граѓаните со сите решенија, којашто ќе им овозможи да даваат свои предлози за продолжување на овие веќе првични резултати на проектот, додаде Алчева. Таа исто така го потенцираше и поставувањето на набавените нови смарт улични светилки како и реализацијата на осветлувањето на фасадите како следни активности на Општина Велес од коишто се очекува додадена вредност на проектните реализирани активности.
Првата позитивна оценка за реализација на проектот стигна од Клаус Рихтер, тим лидер на програмата „ЕУ за општините“.
-Очекувам во иднина сé повеќе да се работи на нови иновативни планови и решенија во делот на урбаната мобилност,“ рече меѓудругото Рихтер.

За европскиот експерт за паметна урбанизација на простори, Дарко Шишко, кој од Хрватска се вклучи на конференциска врска Велес е добар пример на град во транзиција со паметни решенија за развој . Тој како добар пример го издвои фактот што општината претходно, вложила капацитети, ресурси и ги обезбедила Стратешки потребните документи за развој преку Урбана мобилност. Експертот Шишко даде препораки со фокус на обезбедување на т.н. зелена инфраструктура во урбаното планирање.

На завршната Конференција преку конференциска врска се вклучи и Ион Гузун, програмски менаџер на Делегација на Европска Унија во Македонија за да ги поздрави присутните од тимот на проектот, граѓаните, граѓанските организации и младите.

Особено интересен за сите присутни на Конференцијата беше делот на презентацијата на создадената Апликација „Модерен град“ – „Modern City“ од страна на Тоде Буцевски. Станува збор за Апликација која е надоградена на софтверот на „Смарт езеро Младост“ и преку неа граѓаните, наскоро, за неполн месец ќе можат првично да го следат функционирањето на јавниот градски превоз за потоа, штом се додадат и останатите седум модули исто така и состојбата со изнајмување на електрични велосипеди, уличното осветлување, и останатите поставени паметни урбани елементи.
Проектот „Паметни решенија – Велес продолжуваме“ е финансиран од Европска Комисија во рамки на програма „Европа за општините“ во вкупен износ од 751.470 евра од кои со 112.720 евра го кофинансираше Министерство за локална самоуправа.
Убавка Јаневска
