Чадиева: „Комуналците на ЈКП„Дервен“, платени од велешани,наместо градот ќе го чистат Скопје !?“
Велешките Социјалдемократи соопштија дека неделава, кога Македонија е зафатена од афрички топлотен бран со температурен шок кој во урбаните средини се најавува дека ќе достигне 45 степени целзиусови, Велес ќе останел без комуналната служба. Претседателката Даница Чадиева смета дека во ваква состојба градот го довеле градоначалникот Марко Колев и директорот на ЈКП „Дервен“ Горан Наунчев кои одлучиле во името на велешани да ги честат скопјани и со парите на граѓаните на Велес да го исчистат Скопје од смет.
“Не знам врз основа на кое овластување и врз основа на кој закон ќе го остават Велес, кој и така не може да се пофали со градска чистота, да се гуши во ѓубре, смрдеа и зараза. Дали овластувањата и заканите на Мицковски за лични пресметки со непослушните одат до тој степен што го заматуваат здравиот разум на послушниците? Дали ова орвелово раководење на „Големиот брат“ сакаат да го применат и во Велес? Велес се уште не е протекторат, а велешани не се заморчиња. Ако комуналните служби не се појават по утврдениот распоред на градските улици и не го соберат сметот, нема да ги платиме сметките на „Дервен“, намалени за соодветен надоместок,“ рече Чадиева на вечерашната прес конференција.
Таа јавно ги запраша градоначалникот на Велес и директорот на ЈКП„Дервен“ дали не ветуваа дека ќе работат во интерес на сите граѓани или како што го употреби речникот на градоначаличката на Скопје „со нив раководи шпицестиот градоначалик?“
„Господа Марко Колев и Горан Наунчев. Освестете се и преслушајте се. Интересите на граѓаните се пред интересите на партијата. Ако сте решиле да не закопате во ѓубре поделете ни маски, забранете ни да купуваме бостан и набавете отров за глувци зошто додека го чистите Скопје, Велес ќе се претвори во рај за глодари. И уште едно прашање. Имате ли средства во буџетот за вонредни трошоци на скапите камиони за транспорт на контејнерите, за прекувремена работа на вработените, за дополнитело ангажирање на работници? Ако мислите тоа да го платат граѓаните на Велес, нема да може!“, се закани Чадиева.
Претседателката на Општинската организација на СДСМ Велес и порача на општинската власт дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Велес будно ќе го следел секој нејзин чекор по што ќе превземал мерки за заштита на интересите на градот и велешани.
Дума.мк