Велешки Црвен крст ги прогласи најхуманите крводарители и најдобрите волонтери за 2024 година (фото)

Објавено: 25 септември, 2025, во 08:59 часот

Велешанецот Марин Нацев е единствениот Велешанец којшто го достигна јубилејот на 100 дарувања на крв во 2024 година и е добитник на признанието на Општинската организација на Црвен Крст Велес. Нацев годинава кога навршува 65 години дарил крв уште еднаш и има поставено цел да ја заокружи својата хумана животна мисија со уште четири крводарувања за да ги достигне планираните 105 крводарувања.

Поранешниот работник на велешката фабрика за порцелан и керамички плочки „Порцеланка“ и сегашен таксист за Дума.мк кратко изјави:

-Прв пат ја подадов својата рака и дарував крв како работник на велешка Порцеланка во 80- тите години на минатиот век. Потоа редовно, секоја наредна година, дарував по четири пати крв. Тоа го правев од се срце затоа што знаев дека мојата крв, од крвна група А, подгрупа 1 и резус фактор негативен, спасува нечии животи како и тоа дека во исто време влијае на сочувување на моето добро здравје. Голем е бројот на сограѓани и членови на хуманото семејство на Црвен крст кои на ваков начин ја шириме хуманоста помеѓу луѓето и верувам дека многу млади луѓе ќе ги следат нашите чекори бидејќи да се спаси живот е најплеменитото нешто, додаде Нацев.

Нацев е во право бидејќи на синоќешната годишна свеченост организирана од страна на Општинската оранизација на Црвен крст Велес  признание во знак на благодарност за 75 пати дарувана крв, во минатата година, добија уште тројца велешани Костадин Саздов, Драгомир Лазаревиќ и Зоран Крстевски.

Признанијата за јубилејни 50 пати дарувана крв ги добија 18 велешани поточно Орце Цветков, Марјанчо Малинов, Благородна Наумовска, Љупчо Станоев, Мартин Арсовски, Борче Димовски, Цветан Станчевски, Александар Јамалов, Кирил Лазов, Благој Темелков, Јонче Наков, Роберт Јовчевски, Мила Ѓорѓевиќ, Драганчо Момировски, Пане Игневски, Марјан Китанов и Крумче Стефановски.

Исто така за унапредување и омасовување на крводарителството со што дадоа значаен придонес во исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарителство во 2024 година Благодарници добија и Мото клуб „Носачи на крстот“, Основна организација на Црвен крст Градско и Народен Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Претседателката на Општинската организација на Црвен крст д-р Кевица Шопова Клифова честитајќи им на сите добитници на признанија и благодарници за крводарителите на свеченоста рече дека исто така многу значајно е за работата на оваа хумана организација е и учеството и ангажманот на младите волонтери .

-Програмата за промоција на хумани вредности е најзначајната алатка за прием на нови волонтери во нашата организација. Тие изработуваат мал проект за доброто на заедницата. Голема е бројката на млади лица, поточно 923 –ца, кои биле дел од оваа Програма во изминатите години и имаат изработено вкупно 167 проекти за што на сите им благодариме. Почитувани крводарители нашата општинска организација на Црвен крст со години е една од најдобрите во Македонија и годишниот план на крводарување го исполнува со 200 % на успешност. Посебно радува фактот што секоја година во Велес, Чашка и Градско имаме нови дарители кои даруваат крв по прв пат. Во 2024 година такви биле 574 лица. За нас во Општинската организација на Црвен крст во Велес крводарувањето е еден од врвните приоритети. Тоа е темел на здравствениот систем. Крвта е незаменлив лек, секојдневно потребна за да се продолжат многу човечки животот. Затоа придонесот на крводарителите е огромен и незаменлив, додаде Шопова Клифова.

На свеченоста со која се одбележува Неделата на хумани вредности со која се оддава почит на двата хуманитарни столбови на Црвен крст поточно на младите и на крводарителите Благодарници им беа доделени на вкупно 29 млади кои несебично дадоа придонес и преку проекти собраа финансиски средства за да им помогнат на своите сограѓани од најранливата категорија на граѓани преку подобрување на условите на живот во локалната заедница.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.