Во Демир Капија се гради тренинг центарот за туризам!
Се реконструира старата училишна зграда во Демир Капија.
Објектот ќе се пренамени во тренинг центар за едукација на сите оние кои планираат да се занимаваат со туристичка и угостителска дејност но и оние кои тоа веќе го работат. Ќе располага со три канцеларии, две училници, кујна како и сала за одржување на состаноци.
Реконструкцијата е обезбедена преку проектот „ЦЕНЕТ“, центар за едукација и вмрежување во туризмот. Договорот беше потпишан во мај, годинава од општина Демир Капија и претседателот на Стопанската комора на Лерин, Сапалидис Савас. Тој е во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка на Македонија и Грција, тежи 332.366 евра, пари на Европската Унија.
Со овој проект треба да се создаде база за развој на руралниот туризам,мрежи на соработка како и основа за нови проекти. Планирано е да се формира и фондација како правен наследник која ќе раководи со центарот. Треба да се печати прирачник за туризам, да се подготви план за пет годишна работа на центарот, да се организираат семинари поточно осум во Демир Капија и два во Флорина, Грција.
Освен тренинг центарот ќе се користи за истражување и вмрежување на туристички понуди на подрачјето на целиот регион. На тој начин ќе треба да помага во креирањето на развојните политики за туризам и да обезбеди настап на двете држави пред Европските институции.