Изградбата на новата делница на автопатот кон Гевгелија – надеж за Демиркапијци!
Граѓаните очекуваат решение за обезбедување на егзистенција додека општината предност за да стане центар на транзитниот туризам во државата.
Во изградбата на новата делница од автопатот кон Гевгелија, од Демир Капија до Удово, повеќемина демиркапијци гледаат можност за обезбедување на подобар и поквалитетен живот.
Жители на градот од Железната порта рекоа дека од ветеното поврзување на Демир Капија со автопатот очекуваат поголем број на транзитни туристи што ќе им овозможи заживување на нивните мали семејни бизниси и подобрување на лошата економска состојба во која живеат.
„Да се отворат повеќе работни места во градот и да се вработат моите внуци,“ рече демиркапиец.
„Има многу граѓани кои работат лозја, произведуваат вино и ракија и од нив живеат. За младите да биде подобро. Тие да можат да живеат во градчево, да не се исселуваат од тука,“ рече демиркапијка.
Градоначалникот Трајче Димитриев вели дека со градењето на автопатот вработени биле над 150 работници од фирмата изведувач,околу осум фирми исто така остварувале интерес вршејќи превоз, а тоа за граѓаните во општината значело пласман на нивните земјоделски производи и други видови на храна,што пак влијаело за подобрување на економска слика на Демир Капија.
Со изградбата на автопатската делница градот ќе добие уште една сообраќајна клучка, од јужната страна, како и заобиколница која ќе ја користат тешките товарни возила кои не ќе треба да минуваат низ центарот на Демир Капија што ќе придонесе за растеретување на сообраќајот и намалување на загадувањето.
Бенефит се очекува и за селото Клисура, планирано да прерасне во етно село, чија поголема посетеност ќе треба да ја овозможи токму новиот пат кој ќе мине непосредно до него.
Ова место има надеж да заживее преку развој на алтернативниот туризам нудејќи им на туристите можност да уживаат во природните убавини на клисурата,да го набљудуваат каменото царство на ретките птици грабливки,преубавите пештери Змејовец и Бела вода.
Покрај селото Клисура планиран да минува е и патот кој ќе води кон ски центарот Кожуф, рекоа од локалната самоуправа.
Виолета Јанкова, советник за туризам во општината смета дека изградбата на новата делница може да помогне за побрзиот економски развој на Демир Капија.
„ Статистичките податоци покажуваат дека околу 4 милиони патници во текот на годината ја минуваат српско-македонската и македонско-грчката граница а за нас е многу важно барем еден милион од тие транзитни туристи да влезат во Демир Капија. Инфраструктурата е особено значајна за оваа наша цел,“ рече Јанкова.
Според неа, преку автопатот од Скопје до Демир Капија се стигнува за еден час, што значи дека избраната понуда од врвно вино произведено во првата винарија на Балканот, традиционалната храна и убавата природа, ќе бидат предностите со кои општината ќе се промовира на туристичката карта на Македонија./Б.Н.Т