Започна Неделата на традицијата во Демир Капија!
Во рамките на неделата на традицијата, денеска, домаќинки во Демир Капија ќе се натпреваруваат во приготвување на традиционално и современо јадење, што ќе биде оценувано од страна на стручни лица.
Најуспешните жени и нивните специјалитети ќе бидат наградени утре на централната манифестација што годинава ќе се одржи во градот по повод празникот на лозарите.
Од вчера во Демир Капија се одржуваат повеќе активности со кои се одбележува Свети Трифун.
Во делот на едукацијата проф. д-р Звонко Божиновски од катедрата на Земјоделски Факултет во Скопје ги запозна лозарите со состојбата и развојни концепти на лозарството и винарството како и со влијанието на сортите и клонот врз производите и технолошките потенцијали во Македонија.
Синоќа во музеј галеријата на градот беше отворена изложбата Демир Капија низ старите фотографии.
Утре на плоштадот ќе се случи свеченото закројување на првата лоза во градот.
Истовремено во винарија Еленови ќе се одржи аукција на архивски вина чии средства ќе бидат донирани на Специјалниот завод од Демир Капија./Б.Н.Т