Демиркапијката Ќира Биневска е првата жена кројач во Тиквешијата!
Ќира Биневска e првата жена кројач која годинава застана рамо до рамо со докажани кројачи од овој град на натпреварот за најдобар кројач, во чест на празникот Свети Трифун.
Таа има педесет и три години. Храбра е и одлучна а тоа беше пресудно, во многу силна конкуренција на искусни кројачи, да учествува во натпреварот во кој ја покажа цврстата женска рака во која ножиците за кроење ги сечеа лозовите праќки со неверојатна прецизност и брзина. Тоа и го донесе третото место со што на присутните им покажа дека и жените можат да бидат добри во овој типично машки занает.
Кирјана, како што милуваат да ја викаат нејзините сограѓани, е родена во демиркапиското село Бесвица. Таа е вредна сопруга која заедно со својот сопруг и тројцата синови обработуваат 40 декари лозје.
„До пред пет години сопругот и децата работеа на кроење на лозите,подоцна кога видов дека има многу работа преовлада желбата да им помогнам,да го научам овој занает. Ми покажуваа како треба да се фати гранката,која е подобро да се исече а која да се остави за род,беа многу побрзи од мене,но јас бев упорна.Морам да кажам дека сопругот е најбрз иако и децата не заостануваат зад него,сите заеднички ми помогнаа да ја совладам оваа земјоделска операција а сега со наградата знам да се пошегувам со нив и да им речам дека сум подобра“,рече Биневска.
Кроењето не е тешка работа.Целата мајсторија е во раката на која паѓа најголемиот товар. Биневска вели дека кога легува на нива се чувствува многу поубаво отколку кога е дома со секојдневните домашни обврски.
„Свежиот ветар, мирот и тишина, знаат да опуштат психички иако оваа работа бара физичка активност. Кроењето има тајни, мора секој кројач да знае лозата што ја крои какво грозје раѓа за да го направи вистинскиот пресек. Бара доста внимание но сепак мене ми е многу мерак да ја работам оваа работа“,објаснува Биневска.
Таа и се радува на добиената награда,на шега вели оваа година бронза вгодина злато. Дипломата која за неа вреди многу,ја чува на почесно место во домот, во витрината како доказ за нејзиниот труд.
„ Сопругот ме пријави за натпреварот иако бев единствената жена која досега излегла на едно вакво натпреварување. Немав трема,си ја знам работата и се фатив за ножиците. Докажав дека кога имаш желба за работа нема поделба на машка и женска работа,“ рече Биневска.
Тиквешките жени со учество на еден ваков „машки“ натпревар уште еднаш докажаа дека освен што умеат добро да се организираат во домот и семејството знаат да бидат и вредни земјоделки рамноправно работејќи на нивите со своите сопрузи./Б.Н.Т