Се гради новата делница од автопатот Демир Капија – Смоквица!
Течат работите на изградбата на делот од автопатот Скопје – Гевгелија, кај Демир Капија. Во моментов се работи на обезбедување на постоечкиот тунел кај Демиркаписката клисура затоа што се вршат минирања за пробивање на два нови тунела долги 1200 метри.
Освен тунелот се обезбедуваат и околните карпи. Откако ќе се направат новите, на околу стотина метри погоре од стариот тунел, постоечкиот ќе служи како резерва. Низ него ќе минат само возилата кои ќе патуваат по стариот пат кон околните населени места.
Поради активностите кои се одвиваат за изградба на новата автопатска делница повремено сообраќајот на патниот правец Демир Капија – Смоквица е во прекин. Го регулираат поставената сообраќајна сигнализација, вработените од фирмата изведувач и полицијата. Моментално сообраќајот се одвива забавено ,но според возачите задржувањата не се долги.
Новата автопатска делница ќе има две коловозни ленти широки по 3,5 метри, два тунели, по еден во двата правци, како и шест мостови од кои најдолгиот од 660 метри ќе биде и најголем мост во државата. Предвидени се и две клучки кон населеното место Миравци и Смоквица.
Преку автопатот Скопје – Гевгелија се реализира над 90 проценти од домашната трговија со странство бидејќи само преку него е обезбеден пристап до пристаништата во регионот. Со делницата во изградба ќе биде премостена Демиркаписката клисура.
Изградбата чини 257 милиони евра од кои 130 милиони се од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант од ЕУ, 170 милиони од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра од Буџетот на Република Македонија. Се очекува изградбата да заврши во 2016 година кога треба да се комплетира главната оска од Коридорот 10, долг 1.451 километар, кој поминува и низ земјава./Б.Н.Т