Десет компостери поставени во клоновите на детската градинка „Димче Мирчев“, најмладите велешани учат и ќе произведуваат компост
Низ игра и практично децата од сите клонови на велешката детска градинка „Димче Мирчев“ ќе учат како од остатоците од храната се произведува компост. Произведената количина ќе ја користат во зелените градини и ќе садат растенија од чиишто плодови од коишто ќе се подготвуваат нивните секојдневни оброци. Така ќе се заштитува и животната средина од нови количини на органски отпад. Се ова, годинава, ќе се случува како дел од проект „Селектирај -компостирај“ на екологистите од „Вила Зора“ кои се добитници на проектот со кој се подигнува јавната свест на најранливата категорија на велешани, дечињата, за заштита на животна средина преку компостирање на отпад од храна. Затоа десет апарати, компостери, се поставени во сите клонови на детската градинка.
На донаторот на проектот во лично, во име на Советот на општината и на граѓаните се заблагодари градоначалникот Марко Колев.
-Честитки за започнатата реализација на овој проект до ЕД „Вила Зора“ и ОЈУДГ „Димче Мирчев“ бидејќи станува збор за значаен проект. Јас би додал дека и во изминатата и во оваа година Општина Велес, исто така, учествува со значајни финансиски средства во реализацијата на овој проект, поточно, 20% како кофинансирање. Во 2021 година, во вкупиот буџет од 3,3 милиони денари Општината учествуваше со 670 илјади денари што веќе им се исплатени на добитниците на проектите, на првиот повик од проектот „Регионална програма за локална демократија на западен Балкан“, додаде Колев.
За Амбасадор на програмата за развој на ОН на УНДП во Македонија, Армен Григорјан, реализацијата на проектот ја доби оценката „добра инвестиција од УНДП во Велес“.
-РЕЛОАД е една од најатрактнивните регионални програми на којашто работи УНДП бидејќи е посветена на работа со младите и со децата. Мислам дека големата слика за сите нас е да го направиме овој свет подобро место за идните генерации. За овие деца кога ќе пораснат да не сакаат да го напуштат Велес, државата туку да уживаат во својот живот и да имаат добри можности во родниот град, додаде Григорјан.
Директорката на велешката градинка Маја Велиновска искажа голема благодарност што токму детската градинка е избрана од екологистите за спроведување на вака значаен проект како и дека набавените компостери ќе им овозможат на децата да осознаат уште еден сегмент од заштита на животната средина.
-Ние и досега континуирано сме на програми за еколошка едукација и воспитување на најмалите велешанчиња како и на развивање на нивната еколошката свест. По едукацијата за собирање, селектирање, рециклирање на отпадот, на ред дојде целта децата да научат дека од старото можеме да создадеме нешто ново. И токму преку овој проект „Селектирај-компостирај“. Благодарам на донаторите, екологистите и на Општина Велес, додаде Велиновска.
Велејќи дека тимот на еколошко друштво „Вила Зора“ повеќе од една година работеше на истражување за тоа како да се намали органскиот отпад којшто сочинува околу 50% од вкупниот комунален отпад во општината, екологистката Сашка Коцевска ја објасни процедурата за компостирање.
-Компост бара повеќе време како и човечки ресурси а со тоа и самиот процес на трае неколку месеци. Со овие компостери коишто за прв пат се набавуваат во Македонија процесот трае 5 часа дневно. Во тој временски период од храната што дечињата не ја изеле во целост или од остатоците од зеленчук и овојште во процесот на подготовката од страна на куварите во кујната, ќе се произведе органско ѓубриво. Тоа ќе го стори компостерот. Притоа апаратот компостер е економичен и многу едноставен за користење. Се надеваме дека ова ќе биде само почеток за спроведување на ваков или сличен проект во сите градинки во Македонија или институции којшто произведуваат храна. Тоа е наша цел, да постигнеме нула органски отпад и во исто време да го претвориме во корисна земја, додаде Коцевска.
Проект „Селектирај компостирај“ ќе трае една година и ќе се спроведува во десетте детски клона на велешката детска градинка во кои се веќе поставени апаратите компостери.
Убавка Јаневска