Девојка од Велес, со прострелна рана, се бори за живот на скопски Клинички центар
Дваесет и пет годишната девојка, утрово,во 7:45 часот побарала помош од лекарите во Итна медицинска помош во Велес. Девојката имала прострелна рана кога во нејзиниот дом на улица „Андон Шурков“ пристигнала медицинската екипа.
-Веднаш интервениравме. По укажаната прва помош во станот во кој се наоѓаше пациентката ја транспортиравме до Хирушки амбуланти на ЈЗУ Општа болница Велес. Освен прострелната рана таа имаше и други површински повреди на телото како што се модрици и набиеници, рече др Сања Мишева дежурен лекар во Служба за Итна медицинска помош.
По добиената помош во болница, повредената и застрелана девојка веднаш е транспортирана во Клиничкиот центар во Скопје.
-Пациентката е примена во 8:30 часот. Таа е на возраст од 25 години. По направените прегледи и особено поради сериозноста на здобиените повреди, прострелната рана во долниот дел на стомакот, девојката е пренесена и прифатена од колегите на Клинички центар во Скопје, рече др Елена Левкова Ќулумова портпаролка на Општа болница Велес.
Портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев, за Дума.мк ја потврди информацијата и соопшти дека започната е постапка за расветлување на случајот во кој во 07.47 часот во СВР Велес, од Итна медицинска помош Велес, било пријавено дека 25 годишна жена има повреди на телото нанесени од нејзиниот невенчан сопруг.
.
Убавка Јаневска