Директор на Здравствен дом Велес e д-р Виолета Ружинова Петкова по оставката на Никола Димовски
Оваа јавна здравствена установа во градот од изминатиот понеделник има нов директор. Тоа е д-р Виолета Ружинова Петкова од Службата за превентивна здравствена заштита на училишни деца. Нејзиното назначување следи откако претходниот директор , дипл. економист Никола Димовски си поднел оставка. Тој за Дума.мк ја потврди информацијата како и дека оставката ја прифатил Министерот за здравство Венко Филипче.
Димовски, во телефонски разговор, соопшти дека му преставувало огромно задоволство и чест што изминатите четири години ја раководел оваа јавна здравствена установа, особено важна како за Велес така и за соседните општини коишто ги покрива.
– Се соочивме со низа предизвици поради пандемијата на COVID-19 ,но кога се има визија, воља и пред сѐ мотивиран како и високо стручен медицински и административен тим успешно се справувавме со сите потешкотии. Заедно постигнавме многу успеси во подобрувањето на инфраструктурата и опремата која ја затекнавме во Домот. Од објект во навистина лоша состојба го доведовме до современ. Здоволство ми причинува кога слушам позитивни сведоштва на пациенти за соодветен, професионален здравствен третман како што и доликува на секоја здравствена институција. Гордд сум на успесите кои заедно ги постигнав со мојот тим. Исто така им благодарам на сите наши соработници и компании партнери на Здравствениот дом кои покажаа општествена одговорност и ни ја дадоа поддршката кога беше најпотребно, додаде Димовски.
Тој додаде дека оставката ја поднел од лични причини.
Убавка Јаневска