Државен натпревар по прва помош оваа сабота во Велес
Под мотото „Првата помош спасува живот“ оваа сабота, на 23 септември, ќе се одржи 29-от по ред Државен натпревар по прва помош. Вкупно 30 екипи ќе се натпреваруваат меѓу себе и преку вежби ќе даваат прва помош на луѓе со различни видови на повреди и во различни ситуации. Од велешкиот Црвен крст соопштија дека натпреварот ќе се одвива во две траектории.
– На секоја траекторија ќе има по пет работни позиции по првата помош на кои ќе бидат опфатени 13 повреди и една реанимација за срцево-белодробно оживување, додаваат од Црвен крст Велес.
Натпреварот свечено ќе биде отворен во сабота во 10:00 часот во Амфитеатар на Младински парк. Половина час подоцна, во 10:30 ќе започне натпреварот којшто ќе трае се до 16:00 часот. Прогласувањето на победниците на натпреварот ќе биде на истото место во 17:00 часот.
Инаку, на 25 мај, годинава се одржа и 46-от општински натпревар по прва помош во Велес на кој победници беа учениците од ООУ „Блаже Конески“ и ССОУ „Димитрија Чуповски“.
Стефани Манева