Дванаесет годишник денеска во училиште во Велес врзал со лисици и му вперил пластичен пиштол на соученик

Ученикот учи во шестто одделение во ООУ Васил Главинов. Тој денеска дошол во училиштето со лисици и пиштол. Ги внел во класот и успеал на училишниот одмор да ги употреби. Поточно со лисиците го врзал и на соученик му го вперил пиштолот. Тоа создало паника кај останатите соученици но и кај дежурниот наставник за време на одморот кој веднаш го информирал директорот и класниот раководител.
-Веднаш постапив, додека заедно со колегите согласно законот ги информиравме Сектор за внатрешни работи Велес и Центар за социјални работи Велес детето го фрли пиштолот и избега од училиште. Замина дома. Пријавувањето на случката во полиција беше причина што во училишниот двор веднаш пристигнаа полициски службеници. Јас ги повикав неговите родители и службите ја започнаа постапката. Тие надлежни се за нејзино расчистување, рече директорот Драги Коцевски.
Но голем дел вознемирени родители, денеска, се јавија во Дума.мк и бараа одговор на прашањата што се случило точно во училиштето и каков бил видот на пиштолот што ученикот го внел и му го вперил на соученикот. Потврдата дека станува збор за пластичен пиштол стигна од Сектор за внатрешни работи Велес. Оттаму на новинарските прашања на Дума.мк одговорија:
„На 18.03.2025 во 10.00 часот во СВР Велес, од основно училиште во Велес било пријавено дека малолетен ученик во училиштето врзал со лисици негов соученик и му вперил пластичен пиштол. Од малолетникот бил одземен пиштолот и бил предаден на полициски службеници. За настанот бил известен јавен обвинител, Центарот за социјални работи Велес и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесен соодветен поднесок.“
Од полицијата додадоа дека пиштолот бил испратен на вештачење и ги чекаат резултатите од постапката.
Убавка Јаневска
