(фото) 29 години Општина Чашка: Прогласени победници во шах, денеска во тек е крводарителска акција
Објавено: 22 август, 2025, во 10:36 часот
Десет шахисти од Општина Чашка учествуваа на шаховскиот турнир што се одржа како дел од активностите за одбележување на 29 години од формирањето на општината. Турнирот се играше во повеќе рунди, а по завршувањето на сите партии, прогласени беа тројцата најуспешни натпреварувачи.

Првото место го освои Љупчо Трајковски, кој со сигурна и внимателна игра ги доби сите клучни дуели. Второто место му припадна на Богдан Таневски, кој покажа стабилен настап и добар натпреварувачки дух. Третото место го освои Игор Димовски, кој успеа да обезбеди доволно поени за место на победничкиот подиум.

Организаторите на турнирот им доделија награди и благодарници на најдобрите тројца шахисти, со посебна благодарност за сите учесници кои дадоа свој придонес кон развојот на шахот во општината.

Инаку, Општина Чашка продолжува со активности по повод 29 годишнината од постоењето, поточно денеска, точно во 09:00 часот започна крводарителска акција што се реализира во големата сала на ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка. Акцијата се спроведува во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и ќе трае до 13:00 часот. Сите заинтересирани граѓани можат да отидат и да даруваат крв на овој хуман настан.
Во вечерните часови, со почеток во 19:00 часот, на спортското игралиште во село Извор, ќе се одржи и турнир во мал фудбал. Сите љубители на спортот може да отидат, да ги бодрат играчите и секако да навиваат за своите фаворити.
Стефани Манева


