(фото) Околку 2000 садници лаванда посадија лицата со попреченост и вработените од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес
Лицата со попреченост од велешкото Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености како и 15 вработени, денеска, на нивата со површина од 2000 метри квадратни којашто се наоѓа во близина на локалитетот „Стоби“ во Општина Градско, посадија околу 2000 садници лаванда кои претходно една година ги одлгедуваа. Претседателката на здружението Далиборка Златева објаснува кога и како лицата со попреченост се запознаа со „лавандата“.
– Ние како невладина организација пред три години за прв пат се сретнавме со лавандата сосема случајно. Една наша пријателка и долгогодишна соработничка Цветанка Колева којашто е од Квадарци на висорамнината Витачево одгледува лаванда и во една прилика таа цветот од целата нејзина лаванда го донираше за нашата организација по што ние започнавме да прави миризливи торбички кои подоцна ги продававме и беа на еден начин помош за нашата организација од нејзина страна, додава Златева.
Лицата со попреченост се целосно вклучени при работењето со лаванда од самиот почеток па се до добивањето на финалниот прозивод. Поточно, тие помагаат при нејзино ронење, потоа пакување во торбички, врзување на машнички како и правењето на други производи од лековити билки како невен и босилок.
-Сфативме дека е добро како организација да почеме да се занимаваме со оваа активност и со помош на глобалниот еколошки фонд ние во 2021 година го добивме првиот проект од нивна страна преку кој имавме можност да набавиме дестилатор за етерични масла, сушара на сончева енергија, да набавиме одредена механизација како мотокултиватор, алатки за обработка на почвата како и мотики, лопати, чизми, нараквици, прскачи а потоа и опрема за поставување на три пластеника. Се ова беше многу позитивно за нас како организација бидејќи ни даде иницијална капизла да почнеме да го развиваме социјалното претпријатие за одлегудвање на органски лековити билки и правење на прозиводи од нив, додаде Златева.
Сега во моментов организацијата го користи вториот гранд од еколошкиот фонд преку кој набавиле и машина за дробење на билната маса, машина за пакување, половно возило со кое одат до плантажите со лаванда како и на тие кадешто се садат едногодишните растенија како невен и босилок, кои веќе три години ги одгледуваат со успешност. Инаку, тие имаат работен центар од 350 метри квадратни каде што се сместени машините и ја прават преработката на сушење на билната маса и пакувањето на прозиводите.
-Бидејќи кај нас се е целосно органско, ние од одгледаните билки правиме прозиводи како што се маст и масло од невен за нега на кожата, тинктура од лаванда, торбички од лаванда, чај од невен и босилек и овие прозиводи како невладина организација ги правиме целосно рачно и вклучени во целиот процес се сите лица со попреченост, нивните родители, членови и вработени во невладината организација. Ние всушност започнуваме од семка, прво ги правиме леите кадешто ги засадуваме овие органски лековити билки, потоа од добиениот расад ги засадуваме, ги одгледуваме и потоа ги береме цветовите или го жнееме босилекот два пати во годината, го сушиме и потоа ги изработуваме прозиводите. Ние истите ги продаваме на базари, организирани настани, како и преку фејсбук и инстаграм страницата, додаде Златева.
Сега, во пролетниот период во населба Речани во Велес на површина од 3000 метри квадратни тие ќе одгледуваат и невен, босилок, рузмарин, жалфија, чубрика, нане.
Претседателката на здружението се надева дека во следниот период ќе биде донесен Законот за социјални претпријатија во Македонија со цел да го официјализираат социјалното претпријатие и сите финансиски средства коишто ќе се заработат да се искористат за социјалните сервисни услуги коишто ги имаат како организација.
Ова е активност ја работат во рамки на проектот „Гарден глоу“ социјално претпријатие за ангажирање и работно оспособување на лица со попреченост и со поддршка од глобалниот еколошки фонд кој е една гранка од Обединетите нации коишти се занимаваат со подршка на невладини организации и други субјекти што сакаат да работат на зачувување на животната средина и зачувување на расителните видови.
Стефани Манева