(фото) Преку дискусија, примери и квиз, учениците од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ учеа за лажни вести и вештачка интелегенција
Објавено: 11 ноември, 2025, во 13:46 часот
Четириесет ученици од прва и втора година при велешката гимназијата „Кочо Рацин“ денеска учествуваа на интерактивна работилница посветена на новинарството, лажните вести и вештачката интелигенција. Настанот беше организиран од Младински центар Велес и Јуроп Хаус Велес, во соработка со новинарката Стефани Манева.
Преку презентации, примери и практични вежби, учениците имаа можност да научат како да препознаваат лажни вести, да проверат извори на информации и да дознаат повеќе за влијанието и примената на вештачката интелигенција во секојдневниот живот.
Новинарката Манева истакна дека учениците покажале голема заинтересираност и активно се вклучиле во дискусиите.
-Имавме прекрасна работна атмосфера со учениците. Тие беа постојано вклучени, споделуваа мислења и покажаа дека се дигитално писмени млади луѓе. Сепак, нагласивме дека и покрај тоа што вештачката интелигенција може да помогне во многу ситуации, секогаш треба да се проверува изворот на информацијата. Денес живееме во време кога лажните вести се шират многу побрзо, па критичкото размислување е поважно од кога било, објасни Манева.
Во текот на работилницата, учениците преку практични примери учеа како да препознаат фотографии создадени со помош на вештачка интелигенција и кои се најчестите знаци што откриваат дека содржината не е автентична.
Младинскиот работник Ивана Јордева нагласи дека ваквите активности се од големо значење за младите.
-Работилниците од овој тип им помагаат на учениците да развијат критичко размислување и да станат поодговорни кон информациите што ги примаат и споделуваат. Нашата цел е младите да се оспособат да препознаваат манипулации и да го користат интернетот на безбеден и свесен начин, додаде Јордева.
Работилницата заврши со краток квиз од осум прашања, преку кој учениците го покажаа стекнатото знаење од денешната активност.
Настанот претставува уште еден чекор кон подигнување на медиумската и дигиталната писменост кај младите во Велес, со цел создавање информирана и одговорна генерација.