(фото) Средношколки од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ учествуваа на престижен STEM форум во Брисел

Објавено на 21 октомври, 2025 во 11:26

Ученички од средното училиште ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес беа дел од меѓународниот Форум за жени и девојки во STEM, што се одржа во Брисел од 14 до 17 октомври годинава, како дел од „Деновите за образование и вештини на EIT“.

Тимот составен од Ангела Здравковска, Ивана Милошева, Михајлова Марија од клас 2-8 и Настасова Марија од 2-7 клас, под менторство на професорката Гордана Мулева, ја претставуваше Македонија на овој значаен настан, откако го освои првото место на националниот натпревар за сајбер-безбедност во рамки на програмата „Girls Go Circular“.

Настанот започнал со свечена вечера каде девојките имале можност да се запознаат со учесници од 23 други европски држави. Следниот ден биле дел од организирани работилници за нив но и за и менторите на тема LinkedIn и критичко размислување, како и посета на Музејот на стрипови, каде ги запознале култните ликови како Штрумфовите, Тин-тин, Војна на ѕвездите, како и Астерикс и Обеликс.

-Главниот настан се одржа на 16 октомври, кога учесниците присуствуваа на панел-дискусија на тема Сајбер кариери. Меѓу говорниците беа истакнати имиња како Магда Лилиа Чели – извршна директорка на RiskImmune AI и основач на иницијативата „Жените во Сајбер“, и Доминик Колер, ко-сопственик на компанијата KONE. Прашањето на ученичката Ивана Милошева беше директно поставено и доби одговор во рамките на дискусијата, што беше посебен момент за тимот од Велес, за Дума мк објасни професорката Гордана Мулева.

Во продолжение, девојките биле дел од испиративна презентација од финската претприемачка Марина Халикаинен, која води сопствена гејминг компанија, како и финалните презентации на трите тима што се пласираа на европско ниво. Победник бил тимот од Кипар, а настанот завршил со свечена церемонија на доделување награди.

-Попладнето, учениците учествуваа во менторска сесија со Хелен Ловекин, директорка за технологија на Националниот центар за сајбер-безбедност на Велика Британија, додека менторите следеа обука на тема интелектуална сопственост, под водство на универзитетски професор од Ирска, објасни Мулева.

Програмата „Girls Go Circular“ е дел од пошироката европска иницијатива за унапредување на дигиталните и претприемнички вештини кај девојчињата од средните училишта, со фокус на родова еднаквост во STEM областите. Натпреварот оваа година беше на тема сајбер-безбедност, каде учениците беа предизвикани да осмислат дигитална алатка за онлајн безбедност, да ја претстават преку видео и да покажат како таа може да им помогне на корисниците.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.