(фото) „Танец“ со игра и песна ја разбуди душата на Велес – фолклорно шаренило и аплауз што ги крена сите на нозе

Пред преполн амфитеатар во Младинскиот парк, вчеравечер, 3-Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ одржа целовечерен концерт во рамки на XX јубилејно издание на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес.

Концертот, кој траеше 90 минути, започна со импресивна изведба на „Мијачка“, по што следуваа инструментални композиции на оркестарот, кои предизвикаа восхит кај присутните. Девојките од ансамблот ја изведоа „Поречки игри“, додека машкиот состав ја изведе „Кавадарка“.



Публиката повторно уживаше во мелодичните изведби на оркестарот, а завршницата на концертот донесе силни емоции со „Радовишки собор“. Изведбата буквално ја крена публиката на нозе. Силниот аплауз и овациите не престануваа, што ги поттикна уметниците од „Танец“ да го одиграат крајот уште еднаш – во чест на публиката.


Преполниот амфитеатар беше јасен доказ дека велешани ја негуваат традицијата и уживаат во фолклорот, а „Танец“ уште еднаш потврди зошто е симбол на македонското културно наследство.

Инаку „Танец“ беше специјален гостин на XX издание на Интернационалниот фолклорен фестивал кој продолжува и вечерва. Публиката повторно ќе има можност да ужива во богатата фолклорна програма со настапи на ансамбли од Македонија, Литванија, Чешка, Чиле, Германија, Мексико и Турција. Фестивалот започнува во 20:30 часот, а претходно, пред почетокот од 19:45 часот ќе настапат повеќе групи на Ансамбл „Керамичар“.
Стефани Манева
фото:





