(Фото) Вендинг машини во Велес, решение за детектиран еко проблем од младите во општината
Вендинг машините се избрано решение од вкупно 17 детектирани проблеми од страна на младите средношколци, претставници на Локален младински совет на Општина Велес, волонтери на Младински центар Велес и млади членови од Здруженијата на граѓани со еколошки предзнак. Тие беа поттикнати од проект на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за младинско учество и вклучување на младите во донесувањето одлуки на локално ниво, во областа на животната средина и климатските промени, финансиски поддржан од Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Вендинг апаратите се машини во кои се вметнуваат празни пластични шишиња и лименки од алкохолни и безалхохолни пијалоци за да бидат внесени во процес на рециклирање. Од секое шише што ќе се внесе во овие машини може да се оствари добивка но тоа што е по значајно е помалку пластичен и лимен отпад на улиците.
Предложени се и четирите локации за поставување на овие апарати. По еден во населба Тунел, на улица „Благој Ѓорев“ на потег од Гимназија Кочо Рацин до велешки Театар, во центар околу поранешна Стоковна куќа и на локација на источната страна на градот.
Предлогот на младите Велешани денеска го слушнаа четворица членови на Совет на Општина Велес и ја добија нивната поддршка. Сепак за да бидат поставени првите четири Вендинг апарати во градот, два во првата и два во вората половина на 2024 година, потребна е одлука на Советот и на градоначалникот Марко Колев.
Стручен консултант,денеска во Европска куќа, го презентирано идејното решение на предлог -проектот. Агенцијата за млади и спорт ги избра за партнери во овој проект општините Велес, Гевгелија и Берово.
Убавка Јаневска