(фото) Заврши ИФФ 2023, полниот амфитеатар во текот на сите четири вечери докажа дека велешани ја негуваат традицијата

Објавено на 10 јули, 2023 во 11:10

Осумнаесетото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал, во текот на сите четири фестивалски вечери, беше посетено од голем број на граѓани. Од најмали до највозрасни, сите ракоплескаа, играа, пееа и уживаа во богата програма којашто беше подготвена од страна на организациониот одбор на фестивалот. Шаренило од разни бои на носии, насмевки и само позитивна енергија владееше во градот за време на фолклорните вечери.

На свеченото затворање на фестивалот, во саботата,  претседателот на организациониот одбор Томе Јаневски, пред полниот амфитеатар се заблагодари до сите подржувачи на фестивалот но најмногу до публиката за искрените аплузи и поддршката на фолклористите.

-Велес израсна во најголемо богатство на народите, нивните традиции, обичаи и на нивниот дух. Неописливо е чувството на радост, исполнетост, чувството на живот и непресушна енергија која деновиве ги исполнија ансамблите од странство и домашните фолклористи. По 18 пат ИФФ Велес, покажа дека е настан што умее да го запре времето и да го исполни просторот со звуци, бои и насмевки, да го претвори Велес во центар на мултикултурните вредности во светот. Токму тука под велешкото небо, се преплетуваа традициите на Македонија со оние на народите од Европа и светот. Во изминатите четири фестивалски вечери уживавме во изведбите на нашите ансамбли и гостите од Босна и Херцеговина, Хрватска, Северен Кипар, Словачка, Мексико и нашите македонски ансамбли. Вашето присуство овде почитувани велешни, драги пријатели, за нас како организационен одбор претставува најголем поттик и мотивација да продолжиме да го градиме ИФФ како незаменлив културен бренд во Македонија, додаде Јаневски.

Велешани за време на фестивалот ги следеа настапите и аплаудираа на гостите од Босна и Херцеговина, Словачка, Хрватска, Северен Кипар и Мексико. Но секој пат, најголемите аплаузи ги даваа за домашните ансамбли и играорците од Македонија, со што докажаа дека ја сакаат и негуваат својата традиција.

На самиот крај, сите учесници на фестивалот како и публиката, се фатија заедно и го изиграа правото македонско оро.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.