Гевгелиска пруга, во центарот на Велес, обрасната со самоникнато зеленило што им смета на граѓаните
Бујната вегетација ја покри со висока трева, трска и дрвја железничката пруга кон Гевгелија во централното градско подрачје на Велес. Најлоша е состојбата покрај шините од мост „Гемиџии“ до горниот влез на населбата Дворови. Самоникнато зеленило го покри и одводниот канал во кој се слева атмосферската вода од плоштад „С`рмаале“ и завршува во шахтата на мост „Гемиџии“.
Граѓани кои живеат во куќите покрај самата пруга велат дека освен што ја грди глетката ова зеленило им создава проблеми. За едни затоашто е веднаш до куќите а за други затоашто во зеленилото можат да се вгнездат змии.Трета група на велешани стравуваат од последици на одводниот канал кој според нив доколку се затне од обилните дождови тогаш водата ќе се прелее во нивните домови.
Дума.мк побара став од ЈП Национални железници инфраструктура под чија надлежност е пругата. Од таму соопштија дека тревата била косена и површината прскана со хемиски препарати но, дождливото лето придонесло за повторно да израсне.
Сепак посочија дека по расчисување на тревата околу шините на гевгелиска пруга во делот кај јужниот излез од Велес ќе ги искосат и расчистат тревнестите површини, трската и дрвјата во централното подрачје на градот.
Убавка Јаневска