Градоначалникот Колев: „Тоа што го направиле Гемиџиите треба да допре до секој Велешанец, до секој Македонец“(фото и видео)
Делото на великаните, Гемиџиите, ќе се одбележува не како досега туку со манифестации кои се достојни на големината и делата, поточно на нивното значење за градот Велес и македонската историја, за што општината нема да штеди финансиски средства. Ова го рече на почетокот на говорот градоначалникот Марко Колев на свечената Академија за чествувањето на Солунските атентати „Се арчиме за Македонија“ и додаде дека наместо само со положување на цвеќе потребно е преповторување на историскиот момент, како што тоа го правеле македонците и велешаните, затоа што историјата на македонскиот народ се повторува и сега кога сме „нападнати однадвор и многу повеќе однатре“.
„Пред олтарот на пантеонот што се вика Македонија, со златни букви се запишани и овековечени имињата на бесмртните млади Македонци кои за да дојде до нејзино ослободување спроведоа акции и го положија, најскапоценото, своите животи“, рече на почетокот на своето излагање „По стапките на Гемиџиите – пред 120 години и денес“ проф.д-р Ѓорги Малковски.
Во културно уметничкиот дел на свечената Академија, што се одржа во Народен Музеј Велес настапија оперската певица Орхидеја Дукова и Сашко Костов и Младинско драмско студио „Премиера“ од Велес.
Убавка Јаневска