Градоначалникот на Росоман, Николов, за политички притисок пред избори ја квалификува кривичната пријава на Финансова полиција

„Политички притисок пред избори, врз мене, е поднесената кривична пријава од страна на Финансиската полиција,“ гласи оценката на Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов. На прес конференција во Општината, Николов, целосно ги отфрли сите наводи во кривичната пријава.
– Во однос на тоа дека сум фалсификувал документи и тоа целосно го демантирам, ниту досега, ниту отсега ќе го правам тоа. Општина Росоман ја раководам одговорно и чесно во изминативе години, така ќе се продолжи во периодот што следи. Во однос на вторите наводи каде што сум обвинет за злоупотреба на службената полжба и стекнување на противправна имотна корист, односно за репрезентации, прехранбени продукти и горива и тука целосно демантирам. Затоа што, знаете дека сите овие ставки се предвидуваат со буџетот, се менуваат со ребаланс, се усвојуваат со завршна сметка. Исто така целосно демантирам дека сум користел вакви средства за да купувам прехранбени продукти, пијалоци за потреби што не се на општината. Сите овие ставки се искористени за потребите на општина Росоман, Советот на општината но и за манифестациите што ги организира општината, социјални пакети и друго. Сето ова, доколку обвинителството цени, ќе го докажам со докази и документи доколку е потребно, истакна градоначалникот Николов.
Според пријавата на Управата за финансова полиција до ОЈО Кавадарци поднесена завчера, Николов, осомничен е за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ за постапување спротивно на законските прописи со што сторил штета на буџетот на општина Росоман, Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој и Министерство за транспорт во вкупен износ од 35.897.901 денари како и за „злоупотреба на службената положба и овластување“ со причинета штета на буџетот на општина Росоман во вкупен износ од 2.876.329 денари.
– Општина Росоман во изминативе четри години под мое водство заедно со општинска администрација, заедно со Советот, можам да кажам дека од рурална општина прерасна во урбана општина, рамо до рамо со поголеми општини. Кривичната пријава од страна на финасовата полиција е само еден мал сегмент од притисокот што се прави врз мене и општина Росоман. Замислете пред две недели за документи што се земаат по службена должност по пат на допис, во општина Росоман упаднаа припадници на МВР, небаре овде има криминална група. Исто така не ни дадоа и согласности за отварање на новиот дел на градинката, нагласи Николов.
Градоначалникот на Росоман, според соопштението за јавност и одржаната прес конференција, додава дека очекува јавното обвинителство да ја отфрли оваа пријава, затоашто негов интерес, како што истакна се само граѓаните, нивните потреби и доброто на општина Росоман.
Убавка Јаневска
