Граѓаните да бидат крајно претпазливи со палење свеќи, апелира ТППЕ Велес чии пожарникари гаснеа два пожари на гробиштата освен шумскиот кај Степанци
Пожарникарите на Територијалната противпожарна единица Велес, вчера, интервенираа во гаснење на три пожари од кои првиот за повторна одбрана на манастирот „Свети Димитрија“ над село Степанци, Општина Чашка, вториот настанат на велешките гробишта на црква „Свети Спас“ и третиот во близина на гробиштата кај село Оризари. Двата пожари се изгаснати.
Дојавата за доближува на пожарот до појасите за одбрана на манастирот „Свети Димитрија“ во село Степанци била примена, вчера, точно напладне. Територијалната против пожарна единица Велес кон пожарот се упатила со едно противпожарно возило и пет пожарникари спасители.
Вториот пожар во ТППЕ Велес бил пријавен во 12:43 часот кога и кон гробиштата на црква „Свети Спас“ се упатиле тројца пожарникари со едно противпожарно возило. Брзата интервенција го спречила ширењето на пожарот рид „Свети Илија“.
Еден час подоцна примена била третата дојава за настанат пожар и на новите гробишта покрај село Оризари. Таму, исто така, интервенирале тројца пожарникари со едно противпожарно возило. Во гаснењето на пожарот се вклучиле и жителите на Оризари кои излегле со трактори и изорале дел од земјата со што направиле појаси и го спречиле ширењето на пожарот.
„По едночасовна борба со огнената стихија пожарот беше изгаснат,“ соопштија од ТППЕ Велес. Исто така упатија апел до граѓаните кои ги посетуваат вечните почивалишта на упокоените роднини да бидат крајно внимателни со палењето на свеќите.
Убавка Јаневска