Идните првачиња се на систематски преглед, лекарите во Велес откриваат говорни потешкотии, отстапувања од психофизичкиот развој а имаат и неколку сомнителни потврди за МРП вакцина

Објавено на 14 мај, 2025 во 12:02

Започнаа систематските прегледи на децата коишто се родени во 2019 година за упис во прво одделение. Службата за школска превентивна медицина на Здравствен дом Велес, годинава, од 5 мај до 20 август,  треба да прегледа вкупно 700 идни првачиња кои живеат на територијата на општините Велес, Чашка и Градско. Лекарките и медицинските сестри дневно вршат по 15 прегледи. Нив Дума.мк ги праша што забележале како карактеристични отстапки во развојот на децата.

Од досега извршените прегледи забележани се дечиња кои имаат рамно стопало, мали свиткувања кон внатре или надвор, како вродени деформитети, коишто можат да се корегираат со лекарски прегледи кај специјалисти ортопеди и секако со носење на ортопедски помагала.  Тоа што сакам да го издвојам, што од година во година се зголемува, секако бројот е на дечиња со говорни потешкотии како и со отстапувања од психофизичкиот развој. Тоа се должи на голема употреба на мобилни телефони и помалиот ангажман на родителите во комуникацијата со своите деца, не излегувањето надвор од домот за игри со други деца, особено кај категоријата којашто не посетува градинка. Постојат повеќе аспекти на забавениот психофизички развој и секако ќе повторам дека им недостига социјализација, рече д-р Тања Самаракова раководителка на Службата за школска превентивна медицина.

Ретки се, од три до пет на годишно ниво, но ги имаат како случаи децата чии родители ги носат на систематски преглед без сите примени вакцини според Вакциналниот календар на државата. Родителите потпишуваат изјави дека нема да дозволат МРП вакцинирање на децата поради страв или неверување во квалитетот на вакцините.

Сепак и во оваа здравствена служба, како и во детска превентива, со години се забележани обиди на родители со потврди без законски потребни информации за серија, вид, производител и доза на МРП да прикажат дека децата им ги вакцинирал лекар во Бугарија. Но, постојат и случаи кога потврдата е издадена од странски лекар со сите потребни информации за примената доза.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.