Интересни лабораториски експерименти изведуваа средношколци во ССОУ „Димитрија Чуповски“ (фото и видео)
Девет експерименти изведуваа учениците од профилот хемиски техничар на три средни училишта во лабораториите на ССОУ „Димитрија Чуповски“ денеска и вчера. Оваа практична работа на хемиските техничари од велешкото и уште двете средни училишта „Кирил и Методиј“ од Неготино и „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, им овозможи да стекнат искуство што може да се применува и во нивната понатамошна работа. За учениците ова беа интересни експерименти иако тие и во наставата секојдневно реализираат согласно програмите за средно образование.
-Едноставни експерименти преку којшто може да добијат продукт кој повторно може да се употреби. Значи од отпад којшто чини нула денари да се добие производ што пазарот ќе добие одредена цена. Се што се работи во насока е да се зачува животната средина односно да се примени био – технологија во секојдневието, секојдневниот живот и да најде практична примена кај секој граѓанин, рече професорката Руска Мицева од велешкото хемиско училиште.
Поради добрата опременост лабораториите на ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес се избрани за реализација на работилницата „Био- технологија во мојот свет – Програма за искуствено учење“ што ја реализираат Уницеф, УНДП и Центар за стручно образование и обука.
-Целта на проектот е да ги зајакне вештините на наставниците од средните училишта за поуспешна интеграција на содржини за примена на био – отпад во биотехнолошка лабораторија. Во фокус на програмата е изработка на Прирачник на наставници којшто ќе содржи сценарија за часови со експерименти за пренамена на био – отпад и ќе биде целосно поддржан со видео запис. Спроведување на слична работилница, со ученици од средни училишта ќе се реализира во седум региони со помош на мобилна Биотехнлошка лабораторија кога ќе бидат опфатени 22 стручни училишта, поточно ученици и професори на територија на државата, рече Мина Дамјановиќ Алтанџиева, раководител на проектот на Здружение Центар за ресурси во животна средина РЕЦ.
Проектот овозможи прво да се обучат професори, од Велес освен Мицева и професорката Маја Михалчев, кои стекнаа со менторско звање. Тие вчера и денеска ги обучуваа учениците од регионот. Освен преку практични лабораториски експерименти за учениците овој проект предвидува и сесии за разработка на бизнис план за употреба на био – отпад.
Стефани Манева