Изготвени се и деновиве општина Велес ќе ги испрати даночните решенија за годинава
Колку точно ќе изнесува бројот на даночните решенија за годинава ќе се знае за неколку дена кога Општина Велес ќе ги испрати до граѓаните и до фирмите за подмирување на обврската за данок на имот. Очекувањата се дека бројот ќе се движи околу 16.100 решенија колку што беа испратени и минатата година.
Во 2022 година на име на данок на имот за правни лица Општина Велес собрала 9 милиони 98 илјади и 734 денари, додека на име на данок за физички лица собрани се 19 милиони 778 илјади и 868 денари. Во споредба со претходната, 2021 година, собрани се 22 илјади 410 евра повеќе по основ на данок на имот за правни лица и 50 илјади и 3 евра повеќе по основ на данок на имот за физички лица, соопштија од Општина Велес.
Вкупната разлика, од двете фискални години, изразена во денари изнесува 4 милиони 475 илјади 159 денари повеќе поточно 72 илјади 413 евра. Овие финансиски средства директно се слеваат во буџетот на Општина Велес додека Советот ја носи одлуката како тие ќе се трошат. Всушност со толку финансиски средства велешани учествуваат во реализација на потребите од урбана или комунална инфраструктура на територијата на општината.
Убавка Јаневска