Зонско паркирање и платен паркинг за помалку гужва!
Ќе бара Општинскиот совет за безбедност на патниот сообраќај во Кавадарци преку донесување на одлука за воведување на зонско паркирање во централното градско подрачје.
Платениот паркинг да функционира само во одреден период од денот, во центарот на Кавадарци каде е најгусто, е предлог на советниците за безбедност од кој се очекува да се ублажи проблемот со кој градот се соочува со години.
Ова советодавно тело од областа на сообраќајот го утврди и терминот за одржување на годинешниот натпревар на кој учениците во основните училишта во градот ќе ги одмерат знаењата од областа на безбедниот сообраќај. Настанот ќе се случи на 7 декември, годинава, во домот на културата “Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Утврден е и составот на комисиите кои ќе бидат задолжени за организирање на квиз натпреварот и подготовка на прашањата за натпреварувачите.
На седницата беше искажано задоволство и од засилената едукација на најмладите за како побезбедно да учествуваат во сообраќајот, акција што се спроведува во детската градинка и за првачињата во основните училишта.
