Грипот може да почне, кавадарчани се вакцинираа!
Кавадарчани годинава покажаа голем интерес за заштита од сезонски грип и веќе подготвени влегуваат во новата сезона.
Над 600 граѓани, претежно повозрасни веќе примиле вакцина. Од Центарот за јавно здравје Кавадарци нагласуваат дека времето за инунизација истекува бидејќи во овој период ќе започне и ширењето на грипот.
Д-р Ристе Јовановски, епидемиолог, објаснува дека лани вакцина против грип примиле 550 граѓани.
“Претежно повозрасните се заинтересирани за заштита. Тие речиси во најголем број секојдневно доаѓаа во нашиот центар за да се вакцинираат. Цената од 400 денари не беше проблем за да се заштитат, бидејќи благодарение на вакцината се избегнуваат тешките симптоми на грипот и компликациите кои настануваат“ рече д-р Јовановски.
Секоја година Светската здравствена организација прави анализи во светски рамки кои типови вирус циркулираат и врз основа на тоа дава препорака за правење вакцини за следната година. Врз основа на она што циркулирало претходната година во северната хемисфера каде спаѓаме и ние, направена е оваа тритипна вакцина која штити од двата типа на вирус А, а тоа е Х3Н2 и Х1Н1 и штити од вирус на грип од групата Б. Значи, очекуваме три типа да циркулираат, велат од македонскиот институт за јавно здравје.
Минатата година доминантен беше сезонскиот тип на вирус на грип или Х3Н2 и вирус на грип од групата Б, а оваа година штом ќе почне сезоната на грип со првите случаи ќе се земат анализи во Институтот за јавно здравје и ќе се следи за да се види кои типови вирус на грип оваа година ќе циркулираат.
Според податоците на Центарот за јавно здравје Кавадарци, во сезоната 2010/2011 од грип заболеле 2042 лица, а додека во сезоната 2011/2012 бројката на заболени е драстично помала и изнесува 680 грипозни лица.