Дански искуства за македонски пригоди!
Не сите општини во Македонија имаат изработено план за делување при елементарни непогоди и имаат направено проценка на ризици, ваква е оценката на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија. Шабан Салиу на општините им укажа дека обврската треба да ја завршат во најкраток рок ако сакаат да бидат подготвени и полесно да можат да се справат при евентуални непогоди.
Припадници на подрачните одделенија на дирекцијата веќе два дена во Кавадарци црпат искуства од Агенцијата за справување со вонредни ситуации на Кралството Данска. На семинарот учествуваат 35 слушатели од 13 општини во централна Македонија, а е наменет за вработените во општинската администрација кои се задолжени согласно Законот за заштита и спасување да изработат проценка за загрозеност од природни непогоди и други несреќи.
Ова е трет по ред семинар на оваа тема што се реализира во Република Македонија и е резултат на Меморандумот за разбирање што Дирекцијата за заштита и спасување пред две години го потпиша со Данската Агенција.
“Ова лето имавме доста проблеми со пожарите, а минатата зима со многу навеви од снег. Данската агенција ни понуди помош и размена на искуста. Добивме финансиска помош и технички средства за намена на единиците на ДЗС за дејствување при природни непогоди,“ рече Салиу.
На учесниците на семинарот искуствата за заштита и спасување од Данска, Канада, Америка и Австалија им ги пренесе Шефик Мухиќ.
“ Се обидуваме да им објасниме на луѓето да направат целосен пристап во планирањата и приправноста. Сите аспекти мора да се согледаат и правилно применат. Ако немаме исправна проценка на ризик не сме сигурни дека може да имаме добри планови. Никогаш неможе сто процентно да ги идентификуваме сите ризици но мора што повеќе да идентификуваме. Само така може да се заштитат граѓаните, нивната околина и имот.“ рече Мухиќ.