На Кожуф снег има но, не и услови за ски сезона!
Се поизвесно е дека на скијачкиот центар Кожуф му претстои уште една пропадната сезона.
Таму зимата дојде и снегот падна, педесет сантиметри веќе изнесува снежната покривка, ама неможе да се скија. Во скијачкиот центар нема струја.
Разочарани се сопствениците на изградените објекти кои се наоѓаат таму. Не се единствени бидејќи денеска разочарување од менаџерскиот тим на центарот искажа и локалната власт во Кавадарци. Општината даде многу поволности и субвенции посебно во делот на ослободување од плаќање комуналии.
“Со жалење можам да констатирам дека и покрај големите субвенции дадени од локалната самоуправа и тоа не само од овој туку и од претходниот состав, состојбата со скијачкиот центар не е таква каква што се очекуваше. Сеуште се надевам дека состојбата ќе се подобри. Се чувствувам злоупотребен бидејќи и јас јавно излегував во медиумите за да обзнанам дека влегува нов стратешки инвеститор, еден па друг, па трет. Меѓутоа сите завршуваа безуспешно, “ рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.
Тој упати апел до сопствениците на Ски Кожуф доколку немаат во моментов финансиска моќ да побараат инвестиција од сериозен стратешки партнер. Се со цел да успее првично замислениот проект за скијачки центар, откако за него се потрошени многу пари, а државата веќе изгради и пат, додаде Панов. Локалната власт најави контроли на терен како мерка за сите повластици што од неа ги доби скијачкиот центар.
“Веќе дадов налог комисија да испадне на терен и да утврди каква е фактичката состојба поточно да процени дали има фидбек на одлуките за ослободувањата од давачките што ги овозможивме на Ски Кожуф. Комисијата треба да направи и проценка на данокот на имот, со кој треба да биде задолжен овој центар. Опозицијата имаше големи критики и испадна дека биле во право бидејќи од се што општината стори ништо не фатило место,“ рече Панов.
Во ски Кожуф веќе неколку месеци нема струја за што од ЕВН рекоа дека така ќе биде се додека сопствениците не си го подмират долгот кој изнесувал нешто повеќе од еден милион денари. Бидејќи трафостаницата е во сопсвеност на центарот без струја се и повеќе приватни објекти кои се изградија на Кожуф и за кој на повидок е уште една пропадната сезона. Нивните сопственици велат дека недозволиво е неколку години по ред да бележат само пропаднати сезони наспроти природните услови кои се идеални за одлична скијачка сезона. Тие не можат да добијат приклучок за струја оти скијачкиот центар не ја отстапува трафостаницата.
Реагираат и вработените во ски Кожуф кои велат дека неколку месеци не добиле плата и не им биле платени придонесите за пензиско и здравствено осигурување. Најавија дека биле принудени правдата да ја бараат на суд.